Google Maps ќе ви помага да изберете безбеден локал

51

Google објави дека во популарната апликација Google Maps ќе вметне неколку нови функции. Целта е осигурување безбедност на корисниците при посетување различни локали. Конкретно Google  ќе предупредува ако на некое место има многу луѓе и тоа без кликнување на локацијата. Новата промена ќе биде достапна на десктоп-верзијата, на Android и на телефоните со iOS.

Од Google исто така објавија дека во текот на идните месеци ќе ја зголемат покриеноста на споменатите услуги на петпати поголемо подрачје отколку во јуни годинава (плажи, паркови, дуќани, бензински пумпи…). Исто така, Google во пребарувањето ќе вметне информации за здравствено – безбедносните услови во одреден локал или установа. На пример, ќе може да се информирате дали локалот бара носење маски, дали има пулт од плексиглас итн.

Дополнително, Google го унапредува и Live View, давајќи им на корисниците можност за користење на проширената реалност за да дознаат нешто повеќе за ресторанот или продавницата.

На пример, ќе можете да го насочите телефонот кон локалот и да видите дали е отворен, колку луѓе има внатре, колку ѕвездички има и кои се неговите безбедносни мерки за превенција на ширењето на заразата.

Фото: Pixabay