“Горчливи“ вести: Светот ќе се соочи со недостиг од шеќер

62

Најголемиот трговец со шеќер и експерти од таа област се согласни околу една работа, а тоа е дека светот може да се соочи со недостиг од шеќер.

Индонезија, држава од југоисточниот дел на Азија, планира да увезе околу 1,4 милиони тони сиров шеќер, односно 1,33 милиони тони рафиниран шеќер (за домашна употреба). Тоа е 11 пати повеќе во однос на минатата година, пишува Time.

Во меѓувреме се очекува пад на домашното производство, додека локалната побарувачка расте.

“Во идеални услови мора да имаме најмалку 1,3 милиони тони залиха на почетокот на следната година. Доколку нема дополнителна понуда преку увоз, а побарувачката и натаму расте, цените дефинитивно ќе се зголемат“, вели Јади Јусријади, советник во Здружението за шеќер на Индонезија.

Глобалните цени на шеќерот оваа година пораснаа за околу 12%, бидејќи залихите од Тајланд, како втор најголем извозник во светот, се намалени поради лошите временски услови. Бразил поголемиот дел од посевите на шеќерна репка ги пренамени за други култури, а студеното време влијаеше врз приносите во Северна Америка.

ED&F од Лондон е еден од најголемите трговци со шеќер, а веќе ги зголеми прогнозите за дефицит на шеќер за околу 10% на 7,7 милиони метрички тони, по суфицитот од минатата година.

Зголемената побарувачка од Индонезија може да им донесе корист на производителите на шеќер во Индија и Бразил, кои сакаат да ја исполнат празнината од понудата што доаѓаше од Тајланд.

Фото: Pixabay