Градежништво и земјоделство можност за соработка меѓу македонските и турски бизнисмени

29

7 Градежништвото, дрвната индустрија и земјоделството се само некои од секторите во кои турските бизнисмени од областа Испарта гледаат можност за соработка со деловни партнери од Македонија. Најпрво, како што рекоа на денешниот економски форум, треба да воспостават директни контакти со македонските колеги, а потоа, заеднички, да ги дефинираат и областите за стопанска соработка. На форумот беа присутни стопанственици од 30 различни гранки. „Првпат доаѓаме во Македонија. Ова е одлична прилика да се запознаеме. Капацитет за соработка има, но сакаме да воспоставиме контакти зашто ве чувствуваме како многу блиски пријатели. Потоа и вие ќе треба да дојдете кај нас, директно да ги видите и процените нашите можности“, истакна Шукру Башдегирмен, претседател на Менаџмент бордот на Регионалната индустриска комора на Испарта пред форумот, јавува Миа. Испарта е позната по производство на руди и мермер, репроматеријали за градежништво (цемент), рози и суровини – екстракти од рози за повеќе индустриски намени, овошје и зеленчук, особено јаболка и цреши, хемиски материјали и текстил. „Произведуваме 65% од вкупното розово масло во светот кое наоѓа примена во фармацевстката индустрија, дрвната индустрија ни е меѓу водечките во Турција, а од вкупно произведените три милиони тони јаболка годишно, 700.000 тони се произведуваат кај нас“, посочи Башдегирмен. Според него, целта на Испарта е сегашниот вкупен извоз од 234 милиони долари двојно да се зголеми, на 500 милиони до 2025 година, но да се интензивира и размената со Македонија. Извозот од нашава земја во овој регион моментно изнесува 80 милиони долари. За да се достигнат овие бројки, потенцира претседателот на Бордот, неопходна е промоција и претставување надвор. „И во првите шест месеци од годинава, Турција остана наш осми партнер во тргвската размена. Ако се споредат подетоците со истиот период лани, се забележува зголемување на размената за 18,8%. Раст бележат и извозот и увозот. Тоа не радува и ни кажува дека одиме во добар правец како со економската соработка, така и со рамката што ја поставуваат двете влади за зголемување на размената“, истакна Јелисавета Георгеивска, извршен директор на Стопанската комора на Македонија.