Грција останува во карантин до 14 декември

16

Грчките власти донесоа одлука за продолжување на карантинот како една од најрестриктивните мерки во справување со коронавирусот. Како што јавува МИА, наместо до седми декември, карантинот ќе важи до 14 декември.

Портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас, на денешниот редовен брифинг со новинарите, за оваа одлука образложи дека според последните податоци постои стабилизирање или намалување на новите случаи, но со побавен ритам од очекуваното. Во болниците, пак, има повеќе отпуштени отколку примени пациенти, но сепак во северниот дел на Грција голем дел од болниците се под сериозен притисок.

“Со овие податоци очигледно е дека постепеното отворање на економската и општествената активност временски се оддалечува. Затоа, засега постојните рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот се продолжуваат до понеделник 14 декември 2020 година во шест часот наутро“, рече Пецас.

Паралелно и владиниот портпарол и Министерството за развој и инвестиции на Грција соопштија дека од понеделник ќе се отворат сезонските продавници, односно оние кои продаваат исклучиво новогодишни и божиќни производи.

Фото: Pixabay