Грција со даночни олеснувања ќе привлекува странски пензионери

55

Властите во Грција ги повикуваат странските пензионери да се префрлат во таа земја, со воведување на единствена даночна стапка од 7% на нивниот вкупен приход остварен во странство, пишува Катимерини.

Според ова, на странските пензионери ќе им биде неопходен доказ дека пет или шест години пред преселувањето, не биле нејзини даночни обврзници. Исто така, земјата од која доаѓаат треба да има потпишано договор со Грција за административна соработка, поврзана со даночни прашања.

Откако на странските пензионери ќе им биде одобрено решението за данок, тој ќе се одредува по фиксна камата од 7% во наредните 10 години. Надоместокот се плаќа секоја година во паушален износ.

Тоа значи дека во период од 10 години, секој пензионер кој доаѓа во Грција, како нов даночен обврзник, со приходи во странство, преку пензија или друг вид на прилив, ќе плаќа ниска стапка на данок.

Инаку, пензионерите кои се граѓани на некоја земја членка на Европската унија, може да се преселат во било која друга земја членка и таму да плаќаат данок.

Во давањето на даночни олеснувања за пензионерите, од земјите во ЕУ најголем исчекор направија Португалија, Малта, Италија и Кипар, а најмалку Романија и Франција.

Фото: Freepik