Хрватска заглави во рецесија

84

hr recesijaВо Хрватска на почетокот на 2013 година продолжува низата негативни макроекономски показатели, од слабеење на потрошувачката до пад на извозот и индустриското производство, па рецесијата би можела да продолжи петта година по ред, проценуваат банкарските аналитичари, намалувајќи ги економските прогнози.

Првата половина од оваа година ќе биде особено тешка, сметаат аналитичарите на Raiffeisen Bank International (RBI), затоа што падот на потрошувачката на домаќинствата и инвестициите ја притискаат економијата, стои во публикацијата “Стратегија на банките за источна и централна Европа”.

“Приватната потрошувачка ќе биде потисната цела година поради ниската стапка на вработеност, односно високата стапка на невработеност, падот на реалниот доход и високото ниво на песимизам. Најавените, но се уште неизвесните реформи во јавниот сектор ќе бидат дополнителен товар”, наведуваат аналитичарите.

Во новите прогнози аналитичарите на RBI очекуваат пад на бруто домашниот производ за 0,5% оваа година.

Поради лошите макроекономски показатели на почетокот на годината, аналитичарите на Хипо Алпе Адриа банка ја зголемија проценката за пад на економијата. Како и изминатите години, надеж гледаат во туризмот и инвестиции.

“Повеќе оптимизам би требало да донесе вториот дел од годината. Од туристичката сезона и позитивното влијание на нето извозот на стоки и услуги, очекуваме нови инвестиции. Инвестициите финансирани од ЕУ фондовите и развојните банки би требало први да се опорават, со оглед на тоа дека буџетските средства се исцрпени, додека за поттикнување на приватни инвестиции треба да се работи на отстранување на административни пречки, правна и деловна сигурност и намалување на даночното оптоварување”, порачуваат аналитичарите на RBI, кои очекуваат раст на економијата од 1% во 2014 година.

И аналитичарите на Хипо Алпе Адриа очекуваат раст на БДП следната година, но само од 0,3%.