Фото: Pixabay
Глобалниот производител на спортска облека и опрема, Adidas, објави дека се обврзува до 2024 година да употребува само рециклирана пластика, пишува Fox61.
Заложбата за елиминирање на употребата на “класичната” пластика, го вклучува и полиестерот-материјал којшто се употребува во сè, од маички до спортски градници, бидејќи брзо се суши и е многу лесен.
Во објавата од Adidas, исто така, се вели дека компанијата ќе престане да користи пластични производи и во своите канцеларии, продавници, магацини и дистрибутивни центри итн. Со овој потег Adidas ќе елиминира употреба на околу 40 тони пластика годишно, почнувајќи од 2018 година. Исто така и најновата колекција на Adidas пролет/лето 2019 година ќе содржи околу 41% рециклиран полиестер.
Во насока на подигање на свеста за употребата на рециклирана пластика, германската компанија очекува значително зголемување на продажбата на нејзините Parley чевли, кои се направени од пластичен отпад собран пред да стигне до океанот. Иако продажбата е сè уште е ниска, сепак Adidas очекува да продаде околу 5 милиони пара оваа година во споредба со еден милион продадени во 2017 година.
Инаку Adidas е последна во редот глобални компании кои се залагаат за намалување на употребата на пластика.
Starbucks планира да ги елиминира пластичните цевчиња од своите продавници, а и McDonald’s спроведува слична програма во Обединетото Кралство и Ирска. И шведската компанија, IKEA, ја напушта пластиката за еднократна употреба во продавниците и рестораните.
Глобалната употреба на пластика се зголеми за 20 пати во текот на изминатите 50 години и се очекува да се зголеми двојно во следните 20. Истражувањата покажуваат дека до 2050 година ќе има повеќе пластика отколку тежината на рибите во светските океани.
На глобално ниво, само 14% од пластика се собира за рециклирање, за разлика од другите материјали како на пример, хартијата каде што дури 58% се рециклиаат, и железото и челикот каде што стапката на рециклажа оди до 90%.