И покрај рекордниот раст на обновливите извори на енергија, фосилните горива сè уште доминираат

Глобалната побарувачка на енергија порасна за само еден процент минатата година, а рекордниот раст на обновливите извори на енергија сè уште не е доволен за преземање на доминацијата што сè уште ја постигнуваат фосилните горива.

Според статистичкиот извештај објавен од Ројтерс, таканаречената „валкана енергија“, односно фосилните горива, во 2022 година, и покрај напорите од целиот свет, сочинувале 82 отсто од вкупното снабдување со енергија во светот.

Минатата година секако беше обележана со превирања на енергетските пазари откако Русија ја нападна Украина, што предизвика цените на гасот и јагленот во Европа и Азија да пораснат на рекордно високо ниво.

Токму затоа што немаше друга опција освен да се префрлат на обновливи извори, се очекуваше да падне доминацијата на нафтата, гасот и јагленот.

– И покрај континуираниот силен раст на ветерот и сончевата енергија во енергетскиот сектор, вкупните глобални емисии на стакленички гасови поврзани со енергијата повторно се зголемија – рече претседателката на британското глобално индустриско тело Energy Institute, Џулиет Девенпорт, додавајќи дека сè уште се движиме во спротивна насока од она што го бара Парискиот договор .

За потсетување, емисиите на стакленички гасови треба да се намалат за околу 43 проценти до 2030 година за да се исполни меѓународната цел од Парискиот договор.

Според годишниот извештај објавен за прв пат од страна на Институтот за енергетика во соработка со консултантски фирми KPMG и Kearny откако беше преземен од БП, глобалната потрошувачка на енергија се зголеми насекаде освен Европа, а обновливите извори на енергија учествуваа со 7,5 проценти од глобалната потрошувачка, што е за околу еден процент повеќе од претходната година.

Емисиите сè уште се високи
Производството на електрична енергија порасна за 2,3 отсто, што е забавување во однос на претходната година, додека производството на ветер и сончева енергија порасна на рекордни 12 отсто, повторно надминувајќи го нуклеарното, кое падна за 4,4 отсто. Учеството на јагленот во производството на електрична енергија остана доминантно минатата година и изнесуваше околу 35,4 отсто.

Потрошувачката на нафта се зголеми за 2,9 милиони барели дневно на 97,3 милиони, со забавување на растот во споредба со претходната година. Во споредба со нивоата пред пандемијата, потрошувачката на нафта била за 0,7 отсто помала. Производството на нафта се зголеми за 3,8 милиони барели, а најголем дел е од членките на ОПЕК и САД. Нигерија забележа најголем пад.

Во услови на рекордни цени во Европа и Азија, глобалната побарувачка за гас се намали за три отсто, но сепак сочинува 24 отсто од вкупната потрошувачка на енергија. Сепак, производството на течен природен гас, или ЛНГ, се зголеми за пет отсто на 542 милијарди кубни метри, продолжувајќи со растот со слична стапка како и претходната година, а најголемиот раст доаѓа од Северна Америка и Азија.

За голем дел од растот на побарувачката на ЛНГ е одговорна и Европа, која го зголеми увозот за 57 отсто, додека земјите од азиско-пацифичкиот регион, Јужна и Централна Америка го намалија купувањето на гас. Исто така, Јапонија ја замени Кина како најголем увозник на ЛНГ во светот.

Цените на јагленот, пак, се зголемија за 145 отсто во Европа и 45 отсто во Јапонија во 2022 година, достигнувајќи рекордни нивоа, а потрошувачката на јаглен се зголеми за 0,6 отсто, што е највисоко ниво од 2014 година.

Производството на јаглен беше седум отсто поголемо од претходната година, а за растот најмногу се одговорни Кина, Индија и Индонезија.

Растот на обновливите извори на енергија, со исклучок на хидроцентралите, малку забави до 14 проценти, но соларните и ветерните капацитети сепак покажаа рекорден раст од 266 гигавати минатата година, при што соларната енергија зазеде најголем дел.

Иако сите зборуваат за намалување на глобалните емисии на CO2 според овој извештај за 2022 година, глобалните емисии поврзани со енергијата, кои вклучуваат индустриски процеси и согорување, се зголемија за 0,8 отсто и достигнаа ново високо ниво од 39,3 милијарди тони CO2.