
Глобалната побарувачка за природен гас би требало благо да се намали во 2026 година, под притисок на повисоките цени, послабата индустриска потрошувачка и пореметувањата на клучните пазари по војната на Блискиот Исток, проценува Меѓународната агенција за енергија.
Според последниот извештај на ИЕА за пазарот на гас, побарувачката годинава треба да биде за 0,5 отсто помала од лани.
Доколку прогнозата се оствари, тоа би бил трет пад на глобалната побарувачка за гас во последните седум години, по падовите во 2020 и 2022 година.
ИЕА наведува дека очекуваниот пад првенствено се однесува на послабата потрошувачка во индустрискиот и енергетскиот сектор на Блискиот Исток и Азија.
На Блискиот Исток, побарувачката е ограничена од проблеми со снабдувањето, оштетување на електраните и индустриските постројки што користат гас и прекини во нормалното работење на производствените капацитети.
Од друга страна, Азија купува помалку гас бидејќи големите потрошувачи, особено Кина и Индија, се потрудија да обезбедат итни залихи.
Некои азиски земји се свртеа кон други горива, особено јаглен, за производство на електрична енергија, а некои пронајдоа добавувачи надвор од Блискиот Исток и ги ублажија пазарните ограничувања за природен гас и сродни производи.
Високите цени ја намалуваат потрошувачката
Побарувачката е исто така силно под влијание на цените.
ИЕА вели дека повисоките цени на природниот гас ги принудиле потрошувачите да купуваат и трошат помалку, дури и во случаи кога биле во можност да обезбедат гас од добавувачи надвор од Блискиот Исток.
Цените на гасот во Азија и Европа се нормализираа од највисоките нивоа од март, но сепак се значително повисоки отколку во 2025 година.
На референтната европска берза TTF, мегават-час гас за испорака во август утрово изнесуваше 48,8 евра, што е за 2,6 проценти помалку во однос на претходното затворање на тргувањето.
Во споредба со највисоките нивоа од март, цената е за околу 20 проценти пониска, но сепак доволно висока за да влијае на потрошувачката на индустријата и енергетскиот сектор.
Дополнителна неизвесност создава Ормутскиот теснец, низ кој минуваа околу 20 проценти од светските испораки на течен природен гас пред американско-израелскиот напад врз Иран.
Поморскиот сообраќај низ оваа клучна енергетска насока е сè уште значително под нивоата пред војната, што им отежнува на купувачите и продавачите на течен природен гас да ги планираат испораките и цените.










