ИЕГЕ доби проект од престижната европска програма Хоризонт 2020

23

bimcert

Приватниот научен институт за истражувања во градежништво, животна средина и енергетика – ИЕГЕ, основан од страна на Градежен институт Македонија, доби финансиски средства од престижниот европски фонд Хоризонт 2020, учествувајќи во конзорциумот на европски универзитети и институти за реализација на проект со наслов BIMcert. Одобрениот проект е во програмата за Безбедна, чиста и ефикасна енергија.

Основна цел на проектот BIMcert е унапредување и сертификација на професионалните вештини во модерниот градежен сектор, неопходни за енергетски одржливи градби. Проектот има мултидисциплинарен пристап на специјализирана обука, која се состои во развивање на програма за едукација на професионален кадар ангажиран во сите сектори на високоградбата, од сите нивоа и профили.

Со примена на современата дигитална техника за виртуелизација на градбата Buidling Information Modelling се обезбедува усовршување на знаењата за имплементација на енергетска ефикасност и рационално користење на ресурси во градежништвото и оптимизација на животен циклус на материјалите.

Проектот започнува во јануари 2018 година и ќе трае 20 месеци. Добиениот буџет од програмата Хоризонт 2020 изнесува 1.247.000 евра.

Проектниот конзорциум е составен од следните реномирани високообразовни и истражувачки центри: Институт за истражување во животна средина, градежништво и енергетика ИЕГЕ од Македонија, Belfast Metropolitan Collegе и Construction Industry Training Board од Велика Британија, Future Analytics и Dublin Institute of Technology од Ирска, Instituto Superioro Tecnico од Лисабон и Енергетски институт Хрвоје Пожар од Хрватска.

Проектот ќе биде од големо значење за експертите и за деловната и административната политика на градежниот сектор во Република Македонија којшто е суплементарен на претходните национални платформи (Build Up Skills), проекти и стратегии, особено оние насочени кон одржливиот развој на економијата и општеството.

Програмата на Унијата Хоризонт 2020 е рамковна програма за истражување и иновации (2014-2020). Програмата претставува финансиски инструмент на ЕУ со кој се поддржува истражувањето и иновациите, со крајна цел за економски раст,  креирање на нови работни места и конкурентност, со посебен фокус на извонредност во науката, лидерство во индустријата и општествени предизвици. Годишно се поднесуваат повеќе од 30.000 проектни апликации, од кои успешни и финансирани се само 11,6%.