Играчките за Kиндер јајцата се прават во Mакедонија – oд Mактоис до светскиот пазар

298

За Киндер јајцата на Фереро знаат сите. Но колку знаат дека дел од играчките што се ставаат во нив се произведуваат во Македонија, во компанијата Мактоис? За производството и за соработката со еден од најголемите светски брендови разговаравме со извршниот директор на Мактоис, Русе Иљоски.

ruse1
Русе Иљоски, извршен директор на Мактоис

Бизнис Инфо: Може да ни кажете нешто повеќе за Вашата компанија, колку време постои, со што се занимава?

Фирмата како Мактоис постои од 2006 година. Но, пред да започнеме со Мактоис, започнавме со компанијата Лио кафе. Јас и мојата сопруга, заедно со брат ми, како повратници од Италија дојдовме со идеја да започнеме бизнис овде и почнавме со Лио кафе. Купивме вендинг апарати и излеговме на пазарот. Беше тешко на почетокот, вистинска борба, затоа што во тоа време не се знаеше многу за вакви апарати, ретко каде можеа да се најдат. Денес Лио кафе е најголем оператор во Македонија по број на апарати и продадени кафиња и е овластен оператор за Нестле вендинг апаратите. Потоа, по шест месеци ја основавме компанијата Мактоис. Оваа компанија се занимава со изработка на играчки кои се ставаат во чоколадните Киднер јајца на Фереро. Освен овој погон во Теарце, во кој имаме 150 вработени и каде што е централата, пред кризата имавме погон и во Штип. Тој го затворивме и отворивме во Пехчево, каде што имаме 80 работници. Во Пехчево поголемиот дел од работата се сведува на пакување, се ставаат сите составни делови од играчките во “жолчките”. Тоа се прави рачно, секое делче треба да си биде на свое место за да се затвори јајцето и да не се оштети играчката.

Понатаму, во 2008 се отвори Техноштампа за специјализирано производство на пластична амбалажа. Техноштампа е посебен субјект, но сите овие се поврзани субјекти. Работиме и со германската компанија Bullyland, за која изработуваме играчки во погонот во Гостивар. Во погонот во Гостивар работат 40 вработени и е специјализиран за рачно изработени изграчки, нацртани и декорирани на компресор.

ruse8

Бизнис Инфо: Како дојде до соработка со Фереро?

Додека бевме во Италија, добивме информации дека Фереро ги произведува Киндер јајцата надвор од Италија, во источниот блок, Романија, Унгарија, па рековме, а зошто не и во Македонија? Направивме проект, им презентиравме што нуди Македонија, кои се можностите, кои се условите. Меѓутоа, Македонија тогаш беше во период по конфликтот, па Фереро се држеше малку на растојание, во стилот “не интересира, но ќе видиме”. Во големи корпорации не донесуваат одлуки така лесно. По нашата презентација поминаа добри пет години. Во 2006 добив повик, ме викнаа на состанок и ми кажаа дека се посериозно заинтересирани. Во октомври истата година дојдовме заедно во Македонија, да видат што е и како е. По 10 дена ни побараа локација со нивни предуслови. Го обезбедивме и тоа. Ни дадоа специјален водич по кој мораме да се држиме, нивни стандарди, правила на игра. Сепак, ова се третира како исхрана, затоа што “жолчките” после доаѓаат во директен контакт со чоколадото. Конечно, на крајот на октомври ни дадоа зелено светло да почнеме со доопремување на објектот по нивни стандарди. Тоа го завршивме за нешто повеќе од еден месец. На 14 декември 2006 стартувавме со првите парчиња играчки. Првата задача што ни ја дадоа беше за Нова Година да им испорачаме еден камион. Во рок од една недела примивме 100 луѓе за работа. Мораше се да се изработи беспрекорно, сепак првата пратка ќе биде “под радар”. Беше доста напорно, затоа што имавме краток рок, се соочувавме со нешто ново што до тогаш не сме го работеле, но успеавме, на 26 декември го испорачавме првиот камион. До март не држеа во неизвесност, но потоа потпишавме и до ден денес напредуваме во работата.

ruse2Бизнис ИнфоЗначи сето ова е ваша инвестиција?

Па, чекор по чекор, да. Освен некои калапи и форми што се специфични и што ни ги испраќаат, другото се е наше.

Бизнис ИнфоШто мислите, зошто Фереро се одлучи за Македонија, а не, на пример, за Кина?

Јас немам конкретно одговор зошто не е Кина, но можам да кажам дека за изборот можеби се пресудни брзината и квалитетот на нарачките. Кај нас квалитетот е друг, друг е во Кина. Ние сме брзи и експедитивни, можеме и имаме капацитети да испорачаме брзо. Кина има проблем со далечината. Контејнерите патуваат најмалку 40 дена. И да ги изработат Кинезите брзо нарачките, додека да стигнат, нив им требаат најмалку 50 дена, а ние можеме да одговориме за една недела. Тоа е предноста зошто можеме да бидеме пред Кина, според мое мислење. Секако, при изборот влијаат и други фактори, како на пример цената и квалитетот.

Бизнис ИнфоЗа кои пазари на Фереро работите?

Претежно за европскиот пазар, со мал дел од Јужна Америка. Ова прашање е малку специфично, затоа што ние ја имаме нашата гама на играчки и ги служиме сите фабрики на Фереро со нашата гама. Тој што работи во Романија има друга гама на играчки, различна од оваа што ја имаме ние и тие исто така одат во сите фабрики на Фереро и се прави микс. Така е со сите фабрики.

ruse3

Бизнис ИнфоНа колку време ги менувате сериите играчки?

Една серијата се задржува претежно една сезона од 8 – 9 месеци. Е сега тековно се надополнува едно со друго, некои се вадат, се додаваат нови.

Бизнис ИнфоКолку различни играчки произведувате во исто време?

Зависи. Околу 15-20, не повеќе. Зависи од периодот и од побарувањата. На пример, од играчките на Bullyland работиме и до 50 различни видови, но во помал број.

ruse5

Бизнис Инфо: Имате многу компании, многу луѓе, како успевате се да изменаџирате? Особено поради тоа што сте започнале нешто ново, непознато за сите?

Се е изградено со време. Секој менаџер и секој управител го градиме со време. Гледам кои се вредностите на човекот, што знае, што би можел да знае и што сака да знае и на тој начин и е избран менаџерскиот тим. Се сме научиле сами, сами сме собирале информации. Но, еве сега по препорака на пријател решивме да почнеме со обуките на ЦЕЕД, за кои знаеме дека се конструктивни обуки и дека ќе ни помогнат во работењето.

ruse6

Бизнис Инфо: Што планирате во иднина?

Неодамна ја формирав и компанијата ИРН арго и влегов во друг сектор, органски плантажи со аронија. Следната година чекаме род, затоа што две – три години им треба на растенијата да се развијат. Планот не ни е да ги продаваме плодовите, туку да завршиме со наш производ. Веќе следната година треба да размислиме што ќе правиме, имаме ресурси што можеме да ги користиме. Токму поради овие планови, за новите производи што ги планираме, влеговме во проект со компанијата Bullyland. Затоа и ја прифативме таа работа, заради иднината, за да се направи еден нов специфичен производ утре. Целта ни е да завршиме со наши производи, под наш бренд, наше комплетно производство.

ruse4