Со стапка од 31,4% невработени од вкупното работоспособно население, Македонија се наоѓа на 21. место на ранг листата од 199 земји на Индекс Мунди.
Од регионот, пак, меѓу земјите кои најлошо котираат по бројот на невработени, се најдоа Косово, кое е на 11. позиција, со стапка на невработеност од 45,3% и Босна и Херцеговина, која е на 13 место со стапка од 43,3%.
Но, затоа зад нашата држава според неварботеноста се најде Србија, која го зазела 30 место, со стапка на невработеност од 23,4%. Хрватска, пак, со 17,7% невработено население, го добила 44 место. Словенија е во многу подобра позиција и со 11,8% невработеност е на 77 позиција, додека, пак, Црна Гора е на уште подобро место, односно на 79 позиција со стапка од 11,5%.
Ако се погледнат позициите на нашите најблиски соседи, тие се далеку зад нас на овој индекс, што значи дека многу подобро стојат на планот на вработеноста. Поточно, Албанија со стапка на невработеност од 13,3% е на 63 место, Бугарија со 9,6% невработени е на 95 место. Дури и Грција, која е презадолженма и е во рецесија неколку години по ред, е на 45 место на оваа ранг листа, со стапка на невработеност од 17,3%.
Инаку, на правата позиција земји со најмногу невработени е Зимбабве, со стапка од 95%. Неа ја следат Наури, каде што 90% од населението е без работа и Либерија, со стапка од 85% невработени.
Последна, пак, на листата со 0% проценти невработеност е Монако, пред која се најдоа Катар со 0,4% невработено работоспособно население и Тајланд со стапка од 0,7%.
Инаку, Индекс Мунди содржи детални статистики за 199 земји, графикони и мапи составени од повеќе извори, меѓу кои Светска банка, Меѓународната организација на трудот, Евростат и статистиките на поединиечните земји.