Интернет користат 87% од фирмите во Македонија

20

Во јануари годинава широкопојасен пристап на интернет, преку фиксна или мобилна конекција имале 87,3% од фирмите со десет или повеќе вработени. Пристап на интернет преку мобилна конекција, широкопојасна или друг вид мобилна конекција имале 32,6% од фирмите, објави Државниот завод за статистика.

Околу 25,5% од деловните субјекти на своите вработени, за деловна употреба, им обезбедиле преносливи уреди со кои се овозможува мобилна конекција на интернет, а 36% далечински пристап до системот на е-пошта, документите или апликациите на претпријатието.

Во јануари годинава, 33,3% од вработените во деловните субјекти со 10 или повеќе вработени при вршењето на работните задачи користеле компјутер најмалку еднаш неделно, 27,6% од вработените, најмалку еднаш неделно користеле компјутер со пристап на интернет.

Во 2011 година, 84% од деловните субјекти со пристап на интернет, употребиле интернет за поврзување со органите на јавната власт, било за добивање информации, добивање формулари, за електронско враќање пополнети формулари преку веб-страниците на јавната власт, или за административни процедури целосно електронски реализирани. Во 2011 година, околу 28% од деловните субјекти со пристап на интернет понудиле стоки или услуги во електронски системи за јавни набавки во земјава. Во текот на 2011 година, 8,9% од фирмите со 10 или повеќе вработени купувале или продавале стоки или услуги преку компјутерски мрежи (преку веб или ЕДИ). Веб продажба реализирале 5,3%, а веб-купувања вршеле 4,8% од деловните субјекти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.