Исклучиво македонски водичи да ги шетаат странските туристи

27

Туристичките работници бараат исклучиво македонски водичи да се користат при посета на странски туристи во земјава. Ова е една од сугестиите која беше дадена во насока на подобрување на презентирањето на државата на работната средба во Агенцијата за поддршка и промоција на турзмот заедно со туристичкиот еснаф, туристичките комори и стручњаци од областа на туризмот, а на која присуствуваше и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
“Контролата дали странските туристи ќе имаат свои туристички водичи може да се реши на два начина. Едниот е тоа да го прави Пазарната инспекција што е во нејзина надлежност и сега, но капацитетот да контролира туристички водичи и е ограничен. Вториот е да се формира туристичка инспекција која ќе се занимава само со контрола на туристичката дејност меѓу која и на водичите, нешто што веќе постои во развиените туристички земји”, прецизира Пешевски.
На тој начин, ќе може да се провери дали туристичкиот водич е со лиценца и дали има договор со домашна агенција или туроператор и што е најбитно дали ја извршува работата на соодветен начин.
На средбата, Пешевски имаше и оперативни прашања од типот да се обезбедат конкретни места со тоалет каде автобусите со странски туристи ќе можат да застанат и да се освежат, но и да се презентира дадената туристичка локација без притоа да го нарушуваат сообраќајот.
“Имаше идеја која ќе ја предложиме на градот Охрид да се направи туристички воз со цел постарите туристи да можат да ги посетат повисоките места за кои сега користат такси превоз”, рече Пешевски.
Само со слушање на туристичките работници, нагласи, може да се направат конкретни мерки за подобрување на туристичката понуда.
Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Кристијан Џамбазовски рече дека на работна средба го разгледувале нивото на реализација на преземените активности од програмата за 2014 година.
“Ги слушнавме проблемите со кои се соочува туристичкиот еснаф и нивните предлози кои во иднина ќе бидат земени во предвид и вклучени во подобрување на активностите за промоција и презентирање на Република Македонија како туристичка дестинација”, рече Џамбазовски.
Тој нагласи дека се работи на повеќе проекти кои се во насока на проширување на туристичката понуда и квалитетот и конкурентната способност на туристичкиот продукт.
“Во моментов се започнати неколку проекти, а проектот за планинарски патеки е во фаза на реализација. Наскоро ќе отпочнеме со проектот за велосипедски патеки, а во планот за оваа година е и проектот за верски туризам, како и други проекти кои ќе почнат во втората половина од годинава”, прецизира Џамбазовски.
Македонија, почнувајќи од 2006 година, бележи зголемување на бројот на туристи за 40% при што бројот на странски туристи е зголемен за 98%. Тоа е тренд кој продолжува да расте, а воедно секоја година расте и бројот на патниците на македонските аеродроми.