Истражување: Арапи купиле земјиште во БиХ со големина на 2.150 стадиони

299

Државјани на арапски земји, кои во Босна и Херцеговина масовно купуваат недвижнини, до сега само на подрачјето во Сараево станале сопственици на повеќе од 15 милиони метри квадратни земјиште и повеќе стотици станови, објави Центарот за истражувачко новинарство (ЦИН), а пренесува Index.

Недвижнините коишто во Сараево ги поседуваат државјани од земји на Блискиот исток и северна Африка, надминуваат површина од 2.150 фудбалски игралишта, односно 15,3 милиони метри квадратни земјишни парцели.

Помал дел во сопствеништво на државјани од арапските земји имаат кај становите, односно 524 стана, објави ЦИН, којшто редовно ги следи имотно – правните прашања.

Овие парцели и недвижнини во изминатите седум години се документирани како сопствеништво на 160 компании коишто се регистрирани на име на граѓани од: Саудијска Арабија, Кувајт, Обединети Арапски Емирати, Катар, Јордан, Сирија, Египет, Либија и други арапски земји.

Тие основале компании за преку нив да купуваат недвижнини, заобиколувајќи ги на тој начин прописите со кои на странски државјани не им се дозволува поседување на недвижност во БиХ, освен ако не доаѓаат од земји со кои земјата има реципрочен договор за купување на земјиште или градежни објекти.

ЦИН потсетува дека “навалата“ на недвижнини во БиХ почнала во 2012 година и укажува на тоа нема сомнеж дека во прашање е одговор на арапските купувачи на поканите на политичарите од земјата. Арапските инвеститори најчесто купувале земјиште во рурални области со ветување дека ќе градат туристички населби и луксузни вили, додека во градските области купувале земјиште за изградба на повеќекатници и хотели.

Фото: Pexels