Италијански Ferrero сака да поставува опитни парцели со лешници во Македонија

55

Италијанската компанија Ferrero е заинтересирана за поставување опитни парцели лешник во Македонија, поради што од државата бара под концесија 10 до 20 хектари земјоделско земјиште, јавува Миа.

Фереро, позната по Nutella и чоколадните бонбони Rafaelo и Ferrero Rocher, во наредните четири – пет години ќе утврдува кој вид лешник најдобро успева, а потоа планира производство.

Претставниците на компанијата, Гофредо Перна и Томасо Патикнина, за оваа цел денеска имаа средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, како и со државниот секретар Бесир Јашари.

За најповолни се сметаат регионите на Охрид, Струга и Ресен.

Ferrero ја реализира посетата на Македонија на покана од фирмата Ал Јунајтед со која соработува, а која во Македонија има 37 хектари засадени со лешник.

“Пред повеќе од десет години дојдовме и ги скениравме состојбите за производство на лешник. Досега ги опсервиравме сите можности за продолжување на овој бизнис тука. Особено сме задоволни од владините политики и измените на законските решенија за поттикнување на одгледувањето на оваа култура. Гледаме дека државата е многу заинтересирана и вложува максимални напори во оваа насока“, истакна Перна.