Изречени 83 пресуди за крадење електрична енергија

27

Македонските судови од почетокот на годинава до први овој месец имаат изречено 83 првостепени пресуди на корисици кои краделе електрична енергија. Кривичното дело го сториле со директно поврзување на дистрибутивната мрежа пред мерниот уред, манипулација на броилото, се приклучиле на дистрибутивната мрежа без да добијат Решение за енергетска согласност или самоволно се приклучиле после исклучување поради неплатени сметки, информираат од ЕВН Македонија.

Од овие 83 пресуди, девет се однесуваат на кражби на електрична енергија за кои корисниците ќе добијат затворска казна во траење од една година. Парични казни се 23 од пресудите, а крадците на електрична енергија ќе треба да платат вкупно 4 милони денари.

Условни казни добиле 57 корисници. Ако во следните една или две години повторно сторат ново кривично дело, овие корисници ќе бидат принудени да заминат на издржување казна затвор во траење до една година. Освен што се осудени на условна казна тие се задолжени на оштетеното правно лице да му ја надоместат против-правно одземената имотна корист прибавена со извршување на кривичното дело.

Од ЕВН Македонија посочуваат дека вкупната штета која крадците ја направиле на компанијата е околу 25 милиони денари. Државата е оштетена по основ на неисплатениот данок на додадена вредност што не може да се наплаќа на крадената струја. Најголема штета, велат оттаму, трпат соседите на крадците на електрична енергија. Секаде каде што има кражба, напонот ослабнува и постои голема опасност од пожари, а сериозно загрозени се околината и животите на тие што крадат електрична енегија, но и на нивните соседи.