Извештај на ОН: Јадеме шест пати повеќе пилешко и двојно повеќе свинско месо од нашите баби и дедовци

Просечното лице јаде околу шест пати повеќе пилешко и двојно повеќе свинско месо од генерацијата на неговите баби и дедовци, покажуваат податоците од извештајот на ОН, а глобалната понуда на месо се зголемила четири пати во последните 60 години и се очекува да продолжи да расте.

Снабдувањето со живина се зголемило од помалку од 3 кг по лице во 1961 година на 17 кг во 2022 година, според податоците од Организацијата за храна и земјоделство (ФАО). Снабдувањето со свинско месо се дуплирало на 15 кг по лице во истиот период, додека говедското месо, најзагадувачката храна, останало стабилно на 9 кг.

Земјоделството е вториот најзагадувачки сектор во глобалната економија. Се предвидува дека емисиите на глобалното затоплување ќе се зголемат за 7,6% во текот на следната деценија, според Научниот преглед на ФАО за двигателите на понудата и побарувачката на месо, при што добитокот е одговорен за околу 80% од зголемувањето.

Извештајот покажа дека просечната глобална понуда на месо се зголемила од 25 кг по лице во 1961 година на 47 кг по лице во 2022 година. Утврдено е дека околу 14% од месото и млекото се изгубиле за време на производството или се расипале откако стигнале до полиците на супермаркетите и рестораните.

Во земјите со ниски и средни приходи, каде што несигурноста на храната е најраспространета, храната од животинско потекло е многу пати поскапа во однос на приходите отколку во богатите земји, каде што лекарите и климатолозите препорачуваат консумирање помалку месо.

„Регионалната дистрибуција и пристапот се уште се многу нееднакви“, рече Даниела Батаља, службеник за развој на добиток на ФАО и коавтор на извештајот. „Додека земјите со високи приходи сè уште имаат прилично висока и стабилна потрошувачка, земјите со ниски приходи се уште се ограничени од прифатливоста [на животинските производи].“

Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) го идентификуваше преминот од исхрана богата со месо кон исхрана богата со растенија како една од најефикасните мерки на страната на побарувачката што може да се преземат за намалување на емисиите на стакленички гасови. Извештајот на ФАО, кој е прегледан од месната и млечната индустрија, како и од надворешни академици, цитира истражувања кои покажуваат дека богатите земји „поттикнуваат прекумерна потрошувачка“ на животински производи, но не препорачуваат јадење помалку месо.

„Овој извештај јасно го документира проблемот, но не застанува на тој заклучок“, рече Клео Веркуил, виш научник во Стокхолмскиот институт за животна средина, кој не беше вклучен во извештајот.

Фото: Pixabay