Јавен повик до основните и средните училишта за учество во меѓународниот натпревар Европскиот квиз на парите

3

Македонската банкарска асоцијација во соработка со Министерството за образование и наука, Народната банка на Република Македонија и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија објавува Јавен повик до основните и средните училишта во Република Македонија

“Ги повикуваме основните и средните училишта во Република Македонија за учество во меѓународниот натпревар Европскиот квиз на парите. Овој квиз е проект на Европската банкарска федерација, фокусиран на финансиската едукација на учениците од 13 до 15 години“, стои во соопштението.

Европскиот квиз на парите се одвива во две фази – првата фаза се националните натпревари во секоја земја поединечно, а втората фаза е европското финале. Националниот натпревар во Република Македонија ќе се одржи на 27-ми март 2019 година, во рамки на Европската недела на парите. Најдобрите двајца ученици ќе ја претставуваат нашата земја на финалето коешто ќе се одржи на седми мај 2019 година во Брисел, Белгија.

Натпреварите ќе се реализираат преку посебна електронска апликација за оваа намена Кахут (Kahoot!), којашто е едукативна платформа на база на игра. Финалниот натпревар во Белгија ќе се одвива на мајчиниот јазик на учесниците.

Се повикуваат сите заинтересирани основни и средни училишта да пријават одделенија / класови за учество на националниот натпревар во Република Македонија, најдоцна до 31 јануари 2019 година на следнава електронска адреса на Македонската банкарска асоцијација: info@mba.mk

Притоа, треба да се има предвид следново:
– Секое основно или средно училиште може да пријави повеќе одделенија / класови;
– Учениците треба да бидат на возраст од 13 до 15 години на денот на пријавувањето;
– Заедно со податоците за одделенијата / класовите треба да се достават податоци за наставниците / професорите под чие менторство ќе се одвива подготовката.

Во периодот од крајот на јануари до почетокот на март, ќе се одвиваат подготовки и интерно тестирање на пријавените одделенија / класови за потребите на националниот натпревар. Организаторите на настанот ќе се погрижат за едукативните материјали коишто ќе им бидат потребни на учесниците од Република Македонија за подготовка за интерното тестирање, националниот натпревар и европското финале, за што пријавените одделенија / класови и нивните ментори ќе бидат навремено информирани.

Повеќе информации за Европскиот квиз на парите се достапни на следниве веб  страници: www.mba.mk и www.efb.eu.