Јавна расправа за формализирање на финансиските дознаки од странство

24

Граѓаните кои добиваат финансиски дознаки од странство по официјални канали, да добиваат ваучери од Владата за здравствени услуги и лекови во вредност од нивна просечна потрошувачка, а 6% од износот на дознаката да стават на пензиска штедна сметка, е еден од начините за ставање на примателите на дознаки по социјалниот чадор промовиран на денешната јавна расправа на оваа тема организирана од Институтот за економски политики и истражувања Finance Think, пишува Миа.

Ваучерот е еден од начините за трансформација на дознаките од неформална во формална социјална заштита. Во Македонија, покажале резултатите од истражувањето на Институтот, стасуваат годишно околу 400 милиони долари, од кои половината по неформални канали. Околу 88.000 приматели на овие дознаки се невработени лица.

Клучните резултати од истражувањето, рече извршниот директор на Finance Think Билјана Петровски, покажуваат дека дознаките служат како неформален извор на социјална заштита во Македонија.

“Ваучерот ќе обезбеди формална социјална заштита и пензиска и здравствена, поддржува дополнително финансиско описменување на примателите, а на долг рок може да придонесе за попродуктивна и поздрава популација“, рече таа.

За секој дополнителен денар дознаки личната потрошувачка за здравје се зголемува за 0,2 денари, а општата потрошувачка за 0,6 денари. Дополнителниот денар, пак, потрошен на здравствена услуга ја намалува веројатноста за лошо здравје за 0,17 денари, покажуваат податоците од направеното истражување.