Како да распознаете природен мед од фалсификат?

350

med-tegli

Природниот мед е извор на енергија, изобилува со хранливи материи, витамини и минерали и се користи за многу природни лекови потребни за здравјето на луѓето.

Медот го има во продавниците, големите супер маркети и на пазарите, но голема е дилемата дали таа тегла што ја купуваме е навистина полна со природен мед или пак станува збор за фалсификат.

“Медот претставува 100% природен пчелин производ добиен со собирање на нектар од различни цветови или секрети од листови на дрвјата, на кого ништо не му е додадено или одземено. Денес, заради зголемената побарувачка на природен мед на пазарот честа е појавата на фалсификуван мед. Под фалсификуван мед се подразбира мед произведен со интензивно хранење на пчелите со шеќерен, глукозен или скробен сируп, при што пчелите истиот го преработуваат во инвертен шеќер. Фалсификување се врши и со разредување на природниот мед со додавање на различни додатоци или со негово индустриско производство од карамелизиран шеќер, лимонска киселина и арома“, објаснува Нада Маринковиќ, директорка на компанијата Зоралек – Маринковиќ.

Основните карактеристики кои ги поседува природниот мед можат да помогнат полесно да се разликува од вештачкиот. Природниот мед има специфична арома, не се двои на слоеви, во себе содржи таканаречена природна нечисторија од полен, перга – ферментиран полен, микрочестички од восок и прополис. Она по што се разликува природниот од останатите вештачки видови на мед е и неговата фина текстура, тече во вид на тенок конец, има густа смеса, но се слева во тенок млаз. Природниот мед со текот на времето се кристализира, формирајќи голем број фини и ситни кристали.

Од другата страна е фабричкиот или неприродниот мед кој има кисел или нема никаков мирис, се дели на слоеви и во неговата структура нема никакви природни нечистотии. Овој неприроден мед може да се препознае и по структурата која е или нерамна или премногу фина за разлика од онаа на природниот, а има и течна конзистенција, односно веднаш капе и се шири по површината. Вештачкиот мед, што не е случај со оригиналниот, не клистализира или доколку го направи тоа се соединува во единечна кристална маса.

med

Со цел да се зголеми профитот, како што наведува Маринковиќ, некои производители го разредуваат медот со шеќерен сируп или меласа. Таа ни дава неколку практични примери преку кои може да се направи домашно испитување за да утврдиме дали медот е природен или пак содржи некакви додатоци:

  • Ставете малку мед на хартиена салфета. Ако се направи влажна дамка околу медот и почне да се шири, тоа е знак дека медот е разреден.
  • Натопете парче бајат леб во мед. После 8-10 минути, доколку медот е природен, лебот треба да е се уште со цврста конзистенција и не треба да омекне.
  • При матење на природен мед со една жолчка од јајце, жолчката ќе изгледа како варена, односно како крем или пудинг.
  • Природниот мед после ставање на вода формира топка на дното, односно не се раствора веднаш, додека фалсификуваниот мед веднаш почнува да се раствора, што лесно се забележува при набљудување на допирната површина меѓу медот и водата уште при самото ставање на медот во водата.

Доколку често го користите медот, направете ги овие мали опити во вашата “домашна лабораторија“ за да бидете сигурни дека вие и вашето семејство конзумирате природен и здрав мед.

Фото: Pexels