Како да заштедите за празниците што доаѓаат

49

Една од првите асоцијации за крајот на годината се новогодишните прослави и празници. Иако во тој дел од годината сите се среќни, се радуваат на празниците, на убавите подароци, средби, вечери… сепак тоа претставува и сериозно оптоварување за семејниот буџет.

До крајот на годината има уште месец и пол, но ако ги почитувате овие правила, ќе уживате во празничната еуфорија, а и нема да ве боли главата во јануари 😊.

Ништо без план

Подароци за најблиските, украсување на домот, подготовка на вечера, купување гардероба… сите овие трошоци треба да однапред да ги испланирате. Најдобро е да одредите буџет којшто ќе бидете дисциплинирани и нема да го надминувате. Затоа, месец или два порано почнете да штедите за овие потреби и нема да си го нарушите ритамот ниту на штедење или на покривање на тековните трошоци.

Листа на подароци

Не заминувајте во продавница по подароци, пред да се подготвите дома. Сварете си топло кафе, земете лист и пенкало и направете список на подароци. Добро размислете што сте купувале претходните години, што им е неопходно во овој момент на вашите блиски и така ќе дојдете до идеалниот подарок. Ако неподготвени заминете во шопинг, верувајте дека освен потребни, ќе купите и многу непотребни работи и ќе потрошите пари.

Поттикнете ја креативноста

За да им покажете на блиските дека ви значат и дека ги сакате, не мора да им купувате нешто скапо. Напротив, со малку инспирација, материјали што ги имате по дома и некое видео од интернет, ќе може да создадете вистинска магија со сопствените раце. Ваквите подароци би им значеле многу повеќе, бидејќи сте посветиле внимание за да ги направите, а сте ги подариле со многу љубов.

Умерено со трошоци за храна, пијалаци и декорации

Секоја прослава станува побогата доколку на трпезата има различна храна, а просторијата е убаво украсена. За да го постигнете тој ефект нема да ви биде потребно “цело богатство“. Напротив, подгответе храна што ако остане би можеле да ја замрзнете или да ја искористите во друга прилика. Декорациите и украсувањето на домот, исто така, не мора да бидат скапи, туку можат да бидат производ на вашата имагинација.

Фото: Pixabay