Како настанала касичката во форма на прасе?

326

Еден од синонимите за штедење што во медиумите многу често се илустрира е касичка во форма на розово прасе. Но, од каде токму касичка за собирање ситни пари во форма на прасе?

Историјата на оваа касичка започнува некаде во средниот век, додека сè уште не постоеле банки, па луѓето своите заштеди ги чувале во домашни услови. Парите ги чувале во садови што биле изработени од глина и го носеле името pygg, а најмногу се користеле во домаќинствата.

Со тек на време, изговорот се менувал, па pygg почнал да се изговара како pig (свиња на англиски јазик). На тој начин, постепено исчезнала идејата дека називот pygg е глинен сад и нема никаква поврзаност со овие домашни животни. Поради тоа, глинените садови во коишто се чувале парите го добиле името piggy bank. Некаде во 19-от век, почнала изработката на садови во облик на прасе, наменети за чување пари. Поради нивниот изглед, станале визуелно атрактивни и станале привлечни како за децата, така и за возрасните.

На почетокот, касичките немале отвор на долната страна, па за да се дојде до заштедените пари, требало да се скрши касичката. Денес, веќе може да се сретнат во најразлични форми, големини, дизајни… Но, најважно е да бидат секогаш полни и да бидат убав пример за децата, влевајќи им навика за штедење уште од мали нозе.

Фото: Pixabay