Како се пополнува и кој има обврска да поднесе годишна даночна пријава во УЈП?

694

Доколку во текот на изминатата година освен плата или пензија сте оствариле приходи по различни основи, во тој случај имате обврска да поднесете годишна даночна пријава до Управата за јавни приходи (УЈП) најдоцна до 15-ти март.

Кој има обврска да поднесе годишна даночна пријава?

Како приходи по различни основи може да влезат: приходи од издавање под закуп на станбен простор (кирија) или хонорар по основ на авторски договор, учество во наградна игра со добивка над 5.000 денари, индустриска сопственост, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, приходи остварени од игри на среќа преку специјализирани странски интернет страници, лични примања од странство, работно ангажирање во амбасада, мисија на меѓународна организација, приходи остварени преку интернет (е – трговија, услуги извршени преку специјализирани страници), поставување реклами на сопствени интернет страници, прогнози (дојави) на типови за спортски натпревар и други видови на дополнителни приходи надвор од редовната плата или пензија.

Работодавците и фирмите коишто ги вршеле исплатите на приходите во текот на изминатата година, имаа законска обврска најдоцна до 25-ти јануари да издадат збирна сметка во којашто се искажани вкупните износи на исплатени приходи, платениот персонален данок и придонеси во 2015 година. Овие пресметки се неопходни за точно и навремено пријавување на приходите во УЈП.

Како се потполнува годишната даночна пријава?

godisna danocna prijava

При пополнување на годишната даночна пријава, се користат податоците од потврдите, збирните пресметки и други документи кои ги исплаќаат работодавачите, а во кои се наведени износите на приходите и персоналниот данок коишто биле исплатени во текот на 2015 година.

Во задолжителните полиња се внесува единствениот матичен број на граѓанинот, името, презимето и адресата на живеење за контакт, како и електронска пошта и телефон за контакт.

Во полето плата и надоместоци на плата од работен однос и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот се пополнува само доколку граѓаните покрај платата во текот на годината оствариле и приходи по други основи.

Се внесува бруто износот на платата, надоместоците на плата од работен однос и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот, а кои биле исплатени во пари или во друг облик.

Во полето вкупен износ на одбитоци се внесува износот на платените придонеси за задолжително социјално осигурување, додека во вкупен износ на платени аконтации се внесува износот на платениот персонален данок во текот на 2015 година.

Пример: Доколку освен редовната плата, во текот на 2015 година сте имале дополнителен приход од закупнина, во годишната даночна пријава треба да го пополните тоа поле. Во бруто износот на приходите се впишуваат приходите остварени од издавање под закуп. Во вкупен износ на одбитоци се внесува износот на трошоци пресметани во висина од 25%, а кога станува збор за закупнина од опремени станбени и деловни простории во висина од 30% од бруто закупнината. Како вкупен износ на платени аконтации се внесува платениот персонален данок во текот на 2015 година.

Каде се поднесува годишната даночна пријава?

Доколку сте регистриран корисник на системот е – Даноци, годишната даночна пријава може онлајн да се пополни и да се поднесе по електронски пат. Пополнетата годишна даночна пријава може да се поднесе и во најблиската даночна канцеларија на УЈП или преку пошта. Доколку пријавата се праќа по пошта, потребен е еден примерок, а доколку поднесувањето е на шалтерите во УЈП, тогаш потребни се два примерока.

Глоба за ненавремено поднесување на годишна даночна пријава

Доколку не ја поднесете годишната даночна пријава најдоцна до 15-ти март, или во пријавата не ги пријавите сите приходи во целост, ќе ви биде изречена глоба за сторен прекршок.

Глобата за ненавремено поднесување, односно неподнесување на даночна пријава и за нецелосно пријавени приходи се движи од 100 до 200 евра во денарска противвредност.