Како стартапите и корпорациите да остварат партнерство за успех

202

Во рамки на Глобална недела на претприемништво, Американската стопанска комора (АмЧам) во партнерство со Стартап Македонија беа домаќини на настанот Како стартапите и корпорациите да остварат партнерство за успех, којшто се одржа на 18 ноември, стои во соопштението.

Извршната директорка на Американската стопанска комора, Дијана Десподов, како и Игор Маџов, кo-основач на Стартап Македонија, Душко Јордановски, ко-основач на компанијата Х4 и претставници од три македонски стартапи: Импала, НЕТи и Сторнест, зборуваа за тоа како стартапите и корпорациите можат да работат заедно за взаемна корист, како и за различните модели и примери на постоечки соработки.

Игор Маџов ги потенцираше аспектите во кои стартапите и големите компании се надополнуваат нагласувајќи дека постојат многу можности за взаемна соработка, особено во полето на иновирање бидејќи стартапите имаат поголема флексибилност во преземање ризици.

Тим лидерот на проектот на македонскиот стартап Импала, ги запозна присутните со нивната алатка за неуромаркетинг, кој се базира на најновите научни достигнувања од областите на економска психологија, неврологија, еволуциска психологија и маркетинг кои може лесно да се имплементира од страна на корпорациите желни да иновираат без да преземат ризик.

На настанот свое учество зема и Душко Јордановски од Х4, македонска компанија којашто изработува софтверски решенија за големи глобални банки, кој ги запозна присутните со успешниот пат на компанијата и сподели лекции за тоа како да се соработува со големи глобални играчи.

Настанот беше проследен со вмрежување помеѓу членовите на АчЧам и македонските стартапи.

Глобалната недела на претприемништво е еднонеделна иницијатива организирана од 170 држави ширум светот, која обединува над 10.000 партнери во организација на околу 35.000 настани на  теми од областа на претприемништвото. Оваа иницијатива е празнувана ширум светот бидејќи на многу едноставен и директен начин овозможува поврзување на партнерите од екосистемот во насока на подобрување на условите за развој на претприемништвото во секоја од земјите.