Кариера на маж, наспроти кариера на жена

120

cevli

Фото: Pexels

Личносните карактеристики и социокултурните фактори се едни од главните причини кои ја прават разликата во професионалниот свет помеѓу мажите и жените. Не би сакала со овој текст да давам насока чија кариера е поуспешна или носи поголемо задоволство од работата, бидејќи двете си имаат свои добри и помалку добри страни.

Уште при изборот на професија се забележуваат различни интереси кај мажите и жените. Важно е да се следи интересот, но уште поважно е да се одбере професија во согласност со способностите. Жените се поспобни за едно, мажите за друго, но доколку интересот не соодветствува со способноста, тогаш потешко се достигнува успешност во работата. Во поново време скоро и да не постои професија која е само машка или само женска. Можеби поретко, но има жени кои добро се снаоѓаат во типично машките работи и обратно. Сепак, традиционалниот став се уште важи во некои области.

Според типологија на личност се претпоставува дека жените многу подобро се снаоѓаат во професии кои подразбираат работа со луѓе, додека мажите се поуспешни во професиите од реалистички карактер, односно работа со предмети.

Во поглед на колегијалноста од психоцоцијална перспектива, за жените се смета дека имаат поизразен колективистички, а за мажите индивидуалистички идентитет. Па така, доколку е потребно да се формира тим, вработените од женски пол би покажале поголема поврзаност со групата, иако не може да се каже дека и мажите не би се справиле добро. За работното место кое претпоставува индивидуалност, автономија и висока самостојност, може да се каже дека ќе донесе поголемо задоволство кај мажите отколку кај жените. Во начинот на раководење мажите покажуваат  директивен и авторитарен стил на раководство, додека жените се подготвени на поголема тактичност и подобро снаоѓање во меѓучовечките односи.

Кога станува збор за моралните вредности и професионалните принципи, исто така постојат разлики кај двата пола. Се смета дека жените се попринципиелни и повеќе ја вреднуваат етиката на однесување на работа, силно ги чуваат моралните вредности и сопствената чесност. Дури и кога се работи за унапредување, повисока плата или статус, жените поретко се подготвени да манипулираат со ваквите вредности.

Можеби не сте забележале, но разлика постои и во користење на слободни денови и годишен одмор. Сопствената перцепција на улога во семејството се разликува кај мажите и жените, па така таа се рефлектира и врз овој сегмент од работата. Жените се повеќе наклонети кон користење слободни денови, што укажува на потребата да бидат дома, да се грижат за домот и да придонесат кон развој на емоционалните семејни вредности. Кај мажите се забележува поретко барање за отсуство од работа што исто така може да се смета за грижа кон семејството, бидејќи за мажите е важно одржување на финансиската стабилност и сигурно вработување за еден член од домаќинството.

Развојните стадиуми на кариерата имаат свое значење во поглед на крајното достигнување, односно кулминација на истата. Ваквите стадиуми се карактеристични за двата пола под различни околности, но жените имаат неколку препреки повеќе кои најчесто ги инхибираат во достигнување на врвот. Ваквиот застој се должи на повеќе фактори, а најмногу од нив носат во себе дискриминирачки ставови.

  • во колективното несвесно кај нашиот менталитет е врежано дека мажот е тој кој работи и заработува, а жената е должна да се грижи за домот;
  • мајчинството и породилното отсуство во многу наврати го попречиле развојот на кариерата на жената;
  • препреки поврзани со искуството и квалификациите за што се смета дека жените и со повисоко образование не се доволно компетентни за одредена позиција;
  • дефицит на успешни жени кои би послужиле како модел за идентификација и пример за кариерно достигнување во одредена област;
  • мислењето дека жените кои сакаат и се трудат да изградат кариера, му наштетуваат на своето семејство со помала посветеност и недоволно време.

Покрај сите овие наведени разлики, голем број истражувања покажуваат дека сепак во последно време кариерите на мажите и жените по многу повеќе нешта се слични одошто се разликуваат.

Се надевам дека наведените разлики ќе ви помогнат во подобро разбирање на вашите соработници од спротивен пол и секако ќе ве поттикне да размислувате како да излезете од стереотипноста на машките и женските улоги во деловниот свет.