Катастарот воведе Адресен регистар за целата територија на Македонија

52

 

katastar-580x266

Агенцијата за катастар на Република Македонија почна со воспоставување нов Адресен регистар за целата територија на Република Македонија. Притоа со компанијата ГДи Гисдата – Скопје потпиша договор за пилот проект Припрема на податоци и развој на апликации за теренско прибирање на адресни податоци за четири општини во државава, јавува Миа.

Директорот на Агенцијата Славче Трпески истакна дека во моментов во примена се недоволно прецизни законски и подзаконски одредби, недоволно прецизни стандарди за испишување на називите на улиците и дека отсуствуваат стандарди за нумерирање на поедини типови на објекти.

“Адресниот регистар е еден од клучните регистри во државата. Тој ќе содржи просторни податоци за улиците и куќните броеви и ќе биде поврзан со Регистарот на просторни единици. На тој начин сите заинтересирани субјекти сите информации поврзани со адресите ќе имаат можност по електронски пат на брз и ефикасен начин да ги добијат од Агенцијата за катастар на недвижности“, изјави Трпески.

Изведувачот, како што се наведува, има обврска да направи анализа и припрема на адресните податоци од постојните бази на повеќе државни институции за нивна теренска проверка, преку изработена мобилна таблет апликација.

Дејан Крстевски, директор на Гисдата, појасни дека апликативното решение ќе се базира на светски позната платформа, а ќе биде имплементирана во согласност со Законот за национална инфраструктура на просторни податоци.

Теренското прибирање на адресни податоци ќе се направи во дел од општината Кисела Вода, општините Зелениково, Свети Николе и Гостивар, а според договорот треба да биде завршено до крајот на 2017 година. Од Агенцијата информираат дека вредноста на договорот изнесува 113.000 евра.