Ќе биде ли “изгор“ летово во Грција?

99

По блокада од цела година, Грција одлучи да ја крене рампата за македонските граѓани, кои од 14-ти мај ќе можат да влезат во земјата доколку покажат потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест.

Грција, којашто во голема мера се потпира на приходите од туризмот, а згора на тоа беше силно погодена од пандемијата, не очекува премногу да ги зголемува цените оваа туристичка сезона, со цел да привлече повеќе туристи.

“Ова лето ќе биде подобро од минатото. Наш приоритет оваа година ќе биде туристите да бидат безбедни и здрави, па затоа не сакам да шпекулирам со бројки. Што се однесува до цените, нема да има големо поскапување бидејќи, посебно оваа година, ќе имаме силна конкуренција. Ќе се најдеме во период кога сите земји полека ќе се отворат и ќе бидат подготвени да понудат повеќе одошто се бара, па затоа мора да се внимава на цените“, вели грчкиот министер за туризам, Харис Теохарис.

Во Грција за седум ноќевања по лице може да се најде сместување за околу 50 евра. За оние кои ќе сакаат хотелско сместување, би требало да одвојат нешто повеќе од 500 евра за 10 ноќевања во хотел. Едно од омилените јадења на сите туристи, грчкото гиро не се очекува да биде поскапо од три евра. Низ понудата може да се најдат вили за изнајмување, чија цена се движи од 50 до 100 евра дневно. Лежалките и чадорите во баровите на плажите и ова лето ќе може да се користат по цена од околу пет евра.

Иако голем број луѓе едвај чекаат да ги спакуваат куферите и да заминат на море, сепак, добро е да се знае дека и на туристичките места ќе мора да се почитуваат епидемиолошките мерки, со цел да се заштити и локалното население и гостите од можно ширење на пандемијата.

“Се радуваме на одлуката за повторно слободно патување во Грција, бидејќи секако тоа е една од омилените и популарни дестинации за нашите граѓани. Засега не очекуваме повисоки цени, туку напротив тие да се задржат како пред две години, а можно е да се очекува и некој попуст за да се привлечат повеќе туристи“, вели Катерина М., сопственичка на туристичка агенција.

Светот се соочи со тектонски промени поради пандемијата, но се верува дека и туризмот ќе почне да закрепнува со помош на масовното вакцинирање.

Фото: Freepik