Кои македонски компании се најмногу “заразени“ од Ковид-19?

1675

Анализата што Бизнис инфо ја направи во соработка со Target Group покажува дека пандемијата предизвикана од коронавирусот не само што е здравствена, туку и криза што продира длабоко во економијата. Македонија е мала земја, исто толку мал пазар, па не е имуна на сите предизвици што ги носат ваквите случувања. Се наметнува прашањето колку оваа криза е “виновна“ за згаснување на компании, дали претприемачите (не) се одлучуваат да реализираат идеја и во вакви услови? Конкретни одговори тешко може да се најдат, но затоа тука може да послужат податоците за новоотворени и згаснати компании во текот на минатата и до 10-ти јуни годинава.

Колку новоосновани компании има цела 2019-та година, а колку до 10-ти јуни годинава?

Со оглед на ситуацијата предизвикана од пандемијата на коронавирус направивме истражување како се движи бројот на новоосновани компании, потеклото на сопственоста и споредба по индустрија.

Па така, податоците покажуваат дека во нашата земја во 2019 година биле отворени 2.959, додека до почетокот на јуни, бројката на нови бизниси изнесува 2.376. По градови, очекувано најмногу компании годинава дури 45% се регистрирани во Скопје (1.069), со 4,7% следува Битола (113), Тетово и Гостивар со 88 и 86 нови бизниси, Охрид (85), Куманово (76).

Во Кавадарци се отворени повеќе компании

Кавадарци бележи поголем број на отворени компании. До почетокот на јуни се отворени 58 нови бизниси, додека вкупниот број на новоотворени компании лани е 55.

Споредбено по индустрија, трендот останува непроменет. Најмногу нови бизниси почнале во секторот трговија на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, каде лани се основале 773, а годинава до 10-ти јуни има 650 новоосновани компании.

Потоа следи секторот други услужни дејности каде лани се основани 339 компании или 11% од вкупниот број на новоотворени бизниси, а изминативе пет месеци се основани 242 фирми. Секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна бројката за новоосновани компании од лани е 296, а годинава 244. Во градежништвото минатата година биле основани 206 компании, а до 10-ти јуни годинава основани се 169.

Дуплиран бројот на отворени компании во овој сектор

Интересен е податокот што за разлика од лани во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација лани биле основани 17 компании, а нејзиниот број во првите шест месеци од годинава е дупло зголемен и отворени се дури 34 компании.

Во однос на потеклото на сопственикот, кај 2.434 компании лани потеклото на сопственикот е од Македонија, а годинава за период од јануари до почетокот на јуни 1.966.

Дури 78 новоотворени компании лани и 77 годинава имаат сопственик со потекло од Турција. По потекло на сопственик од Србија лани биле 28, а годинава 19 фирми, од Бугарија се 24 лани, а 19 годинава.

Интерес за отворање на компании во нашата земја постои и од трети земји. Па така лани имало двајца од Емирати и по еден од Азербејџан и Бахами. Годинава има двајца нови сопственци од Азербејџан, а оваа година од далечните земји се појавува сопственик од Венецуела.

Микро компаниите најголема “жртва“ на корона кризата?

Ако лани згаснале 5.099 микро компании (до 10 вработени) во земјава, од почетокот на годината до 10-ти овој месец клуч на врата ставија 4.106 микро компании или над 80%, покажуваат податоците добиени во соработка со Target Group.

Кога се анализираат малите или компании што вработуваат до 50 лица, тогаш билансот на згаснати лани за цела година бил 321, а до 10-ти овој месец, затворени се 306 компании од тој ранг. Минатата година нема ниту една затворена компанија во којашто работат до 250 лица, додека од почетокот на оваа година до 10-ти јуни затворена е една таква компанија.

Клуч на врата ставиле три големи компании

Ако во цела 2019 година се затворени четири големи компании (над 250 вработени), тогаш за помалку од шест месеци за оваа година клуч на врата имаат три големи компании во земјава.

Податоците покажуваат дека вкупниот број на згаснати компании минатата година е 5.449, а за помалку од шест месеци од 2020 година, билансот е 4.503 згаснати компании во земјава или 82%. Се поставува прашањето дали причина за нивното затворање е кризата предизвикана од пандемијата или се работи за нешто друго?

Скопје “лидер“ по број на згаснати компании во земјава

Дури 35,5% од вкупниот број на згаснати компании од почетокот на годината до 10-ти овој месец, се од Скопјe. Од вкупниот број на згаснати компании од почетокот на годинава (4.497) 35,5% или 1.598 се од Скопје. Втор град во којшто има најмногу згаснати компании во земјава е Тетово. Во градот под Шара, од почетокот на годината до 10-ти јуни, се затворени 239 компании, додека на трето место се најде Охрид со 223 згаснати компании. И лани втор град со најмногу згаснати компании беше Тетово (246), додека на трето место беше, исто така, Охрид со 224 згаснати компании во 2019 година.

Анализирано по дејности, за нешто помалку од шест месеци од оваа година, најмногу згаснати компании има во дејноста трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила – 1.550. Вкупно 568 згаснати компании, од почетокот на годината до 10-ти јуни, му припаѓаа на секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, а 510 се од преработувачката индустрија.

Дејностите во коишто има најмногу згаснати компании во текот на минатата година се слични, како и во анализираниот период оваа година. Најголем дел од згаснатите и лани беа од дејноста трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила – 1.866.

Според тоа, од каде потекнува сопственикот на компанијата што згаснала, состојбата заклучно 10-ти овој месец е следна: Македонија (3.388), Турција (115) и Србија (34).

Во текот на минатата година, згаснаа вкупно 5.447 компании во земјава, а од нив најголемиот дел или 2.252 се од Скопје.

Анализирано по потекло на сопственикот, и лани најголем дел од згаснатите компании се на сопственици од земјава (3.883). Зад нив се сопствениците на компании во земјава со потекло од Турција (133) и Србија (48).

Важно е да се напомене и фактот дека постојат законски рокови што доколку не се испочитуваат, Централниот регистар презема мерки за бришење на деловни и неактивни субјекти.

Најголемиот удар го добија малите компании, без оглед со која дејност се занимаваат. Годинава, Ковид -19 ја “зарази“ светската економија, која покажува поразителни бројки, а последиците допрва ќе се мерат. Колку компании се затворени поради пандемијата е бројка која тешко може да се утврди, но оттука се поставува прашањето дали ваквата криза ќе донесе шанса за пресврт, извлекување на заклучоци и отворање на бизниси со смисла.

Фото: Freepik