Кои се најголеми извозници на планетата, а каде сме ние?

69

Извозот на глобално ниво лани достигна вредност од 18,74 трилиони (илјади милијарди) долари, што претставува намалување од 3,7% во однос на 2018 година, покажуваат податоците на World’s top exports.

Бидејќи во јуни оваа година, светската популација беше околу 7,8 милијарди, во тој случај на секој жител на планетата отпаѓаат по 2.400 долари од вкупниот извоз.

Според анализата, Кина го држи приматот на најголем извозник во светот со 2.498.569.866.000 долари или 0,2% повеќе во однос на 2018 година. Меѓу 10-те најголеми извозници на глобално ниво се најдоа и: САД (1.645.174.335.000 долари), Германија (1.486.462.772.000 долари), Холандија (721.301.085.000 долари), Јапонија (705.842.013.000 долари), Франција (555.100.606.000 долари), Јужна Кореја (542.333.337.000 долари), Италија (541.695.309.000 долари), Хонгконг (535.711.019.000 долари) и Мексико (472.272.871.000 долари).

Од земјите во регионот, најголем извозник е Словенија, којашто се најде на 53-то место со извоз од 45.624.764.000 долари во 2019 година. Грција е 57-ма со извоз од 37.885.527.000 долари, додека Бугарија се најде три места подолу со извоз во висина од 33.872.429.000 долари. Србија е 72-ра во светот по извоз, којшто во 2019 година достигна вредност од 19.557.555.000 долари, а Хрватска е две места подолу со 17.678.879.000 долари. Македонија е 98-ма во светски ранг со извезени производи од 7.185.964.000 долари или 4% повеќе во споредба со 2018 година. Зад нас од земјите во регионот се: Босна и Херцеговина (6.578.192.000 долари), Албанија (2.741.051.000 долари) и Црна Гора (404.982.000 долари).

Од 200 земји опфатени во анализата, на дното на листата на извозници се најдоа: Антигва (36.557.000 долари), Самоа (37.957.000 долари), Доминикана (40.702.000 долари), Сент Луциа (55.750.000 долари) и Палестина (63.482.000 долари).

Фото: Freepik