Кој е Миодраг Костиќ?

666

Миодраг Костиќ е српски бизнисмен роден на 25-ти август 1959 година. Тој е претседател на компанијата MK Group чија основна дејност е производство и трговија со земјоделски производи и производство на шеќер, по што Костиќ го добива и прекарот “кралот на шеќерот“.

Неговото деловно “царство“ се протега меѓу земјоделие, трговија, туризам…, а прокнижува висок профит, поради што важи за еден од најбогатите луѓе на Балканот. Неговото богатство се проценува на пола милијарда евра. Групацијата вработува 7.000 лица, а вкупниот приход се проценува на 600 милиони евра.

Претприемничката приказна на Костиќ започнала во 1983 година, кога основал сопствена компанија за трговија, увоз – извоз и производство, којашто две години подоцна прераснала во МК Group со седиште во Белград. Во 2000-та година, неговата компанија станала сопственик на неколку шеќерани, како и 10-тина земјоделски компании и објекти за складирање.  Во 2005-та година ја основа компанијата Sunoco којашто е заедничка инвестиција со компанијата Nordzucker, што важи за трет најголем производител на шеќер во Европа.

Најголемиот дел на MK Group се однесува на шеќерната индустрија, земјоделско производство и трговија со земјоделски производи. Шеќерот во производство на MK Group се извезува во повеќе земји од регионот и Европа. Во 2011 година, MK Group на Костиќ инвестира во компанијата Carnex, инаку основана во 1958 година, којашто важи за водечка во Србија по производство и преработки од месо.

Костиќ го диверзифицира својот бизнис и инвестира и во туризам, преку неговата MK Mountain Resort, којашто е сопственик на хотели на Копаоник и во Белград. Во портфолиото од 30-тина компании во рамки на холдингот е и MK Fintel Wind, чија основна дејност е производство на електрична енергија од обновливи извори.

Миодраг Костиќ не крие дека Ворен Бафет со неговата филозофија му е бизнис гуру, а Ричард Брансон го ценел поради начинот на живот.

“Кога мене Ворен Бафет би ми дал прилика да работам кај него, јас нему би му платил за да добијам ново животно искуство и не би ми паднало на памет да занимавам со приватен бизнис“, рекол Костиќ во една прилика.

Основата на филозофијата на Бафет е “купувај фирми кога другите не им ја препознаваат вредноста и тоа прави го на долг рок“. Таа девиза го водела и Костиќ во текот на неговите деловни активности.

“Зборот менаџер значи дека тој мора да ги менаџира луѓето околу себе. Кога тоа треба да го правите со другите луѓе, што е најтешко, вие мора да имате адекватен карактер за да може да ги привлечете луѓето околу себе. Еден човек не ја води фирмата“, смета Костиќ.

Фото: MK Group