Кој најмногу произведува, а кој најмногу извезува сладолед во ЕУ?

87

Во текот на 2019 година, во Европската унија се произведени над три милијарди литри сладолед, што е за 6% повеќе во однос на претходната година, покажуваат податоците на европската статистика.

Лани земјите членки на ЕУ направија извоз на 222.000 тони сладолед во земји надвор од Унијата, во вредност од 723 милиони евра. Во исто време, увозот на сладолед од земји што не се членки на ЕУ лани достигна 82.000 тони или 180 милиони евра.

Меѓу земјите членки на ЕУ, Германија беше најголем производител на сладолед лани, со 635 милиони литри или 21% од вкупното производство. Италија е на второ место со произведени 554 милиони литри сладолед, додека Франција е трета со 451 милион литри.

Како најголем извозник на сладолед меѓу земјите членки на ЕУ е Франција со 55.000 тони во 2019 година, што е 25% од вкупниот извоз на Унијата. Потоа следат: Холандија (35.000 тони сладолед), Германија (29.000 тони), Италија (18.000 тони) и Шпанија (16.000 тони).

Велика Британија беше главната дестинација на извозот на сладолед од ЕУ во земји што се надвор од Унијата. Оттаму се извезени 128.000 тони сладолед во Велика Британија, а потоа следат: Швајцарија (12.000 тони) и Кина (7.000 тони).

Фото: Freepik