Која е директорката на TikTok што му се спротивстави на Трамп?

153

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека планира да го забрани TikTok во САД. Но, американската генерална директорка на оваа социјална мрежа, Ванеса Папас им порача на корисниците дека TikTok нема да ги напушти САД и дека апликацијата е безбедна за корисниците.

“Не планираме да одиме никаде. TikTok е ‘дом’ за креатори и артисти кои сакат да се искажат себеси, нивните идеи и да се поврзат со луѓе од најразлични средини. Ние сме особено горди што луѓе од различни средини ги поврзува TikTok“, изјави Папас.

Таа е генерална директорка на TikTok, која е надлежна за следење на содржини, маркетинг активности и развој на производи. Пред да застане на едно од клучните места во TikTok, Папас работеше во YouTube осум години, каде што беше фокусирана на развој на стратегија за градење публика, создавање лојалност за креативните луѓе и нивните содржини. Пред искуството во YouTube, Папас работела во компанијата New Networks каде била задолжена за раст на гледаноста на компанијата на над две милијарди прегледи. Во март 2011 година, YouTube ја купи оваа компанија.

Инаку, TikTok е платформа создадена во Пекинг, на којашто се објавуваат кратки видеа што се споделуваат. Апликацијата, како што пишува Ројтерс, достигна голем успех особено помеѓу младите, но во исто време ја зголеми загриженоста за безбедност на корисниците во САД.

Сенатот на Комисијата за внатрешна безбедност и владини прашања на САД веќе расправаше за забраната за употреба на оваа апликација. Претставничкиот дом на Конгресот веќе гласаше за оваа мерка.

Апликацијата ТikTok се проценува на 50 милијарди американски долари.

Фото: Freepik