Колкава плата зема премиерот и министрите во Владата?

76

Премиерот Зоран Заев во декември земал плата од 87.813 денари, со што е најплатен од сите негови колеги во Владата.

Според податоците на официјалниот сајт на Владата, нето платата на премиерот е 78.840 денари на што се додадени и 8.973 денари како минат труд, имајќи предвид дека Заев има стаж од 22 години, со што неговата вкупна нето плата во декември била 87.813 денари.

Зад него е првиот човек на Министерството за внатрешни работи, Оливер Спасовски чија вкупна нето плата во декември била 85.113 денари. Трета најплатена министерка, според податоците, е Јагода Шахпаска, која во декември доби плата од 74.273 денари за нејзината работа во Министерството за труд и социјална политика.

Првите пет најплатени владини функционери се и: Радмила Шеќеринска (министерка за одбрана) со 72.989 денари во декември и нејзината колешка Ирена Стефоска (министерка за култура) со нето плата од 72.670 денари во декември.

Плата од над 70.000 денари имаат и овие владини функционери: Фатмир Битиќи (вицепремиер за економски прашања) и Никола Димитров (вицепремиер за европски прашања) со плата од по 71.385 денари, Горан Милевски (министер за локална самоуправа) и Бујар Османи (министер за надворешни работи) со по 70.102 денари плата за декември.

Најмала плата од 65.292 денари имал министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, кој според податоците нема претходен стаж.

Фото: Facebook