Колку е исплатлива упорноста?

186

Упорноста е карактерна особина што ги “турка“ луѓето напред и им помага никогаш да не се откажуваат од она што го планираат. Понекогаш се исплати да се биде упорен до крај, да се бори со последните сили, но некогаш упорноста може да ве “удри по нос“. Најважно од сè е да имате силна верба во себе и во она што го правите, бидејќи само така ќе успеете да ги надминете предизвиците, да се соочите со проблемите и да ги решите недоразбирањата.

Чекор по чекор

Ниту еден успех не дошол преку ноќ… па дури и да замислиме да дошол, неговото одржување не оди лесно. Затоа, важно е да чекорите полека, самоуверено, храбро и сигурно. На тој пат сигурно ќе наидете на многу пречки, но токму благодарение на вашата и упорноста на колегите со кои работите ќе успеете да се изборите секоја фаза да ја реализирате до самиот крај.

Не се обесхрабрувајте

Не е залудно кажано дека не е срамота да паднеш, туку срамота е да не станеш. Понекогаш ќе биде нормално да се “лизнете“, бидејќи се движите на непознат терен – развивате нов производ, се подготвувате за нов пазар, имплементирате нова технологија… сите овие промени треба да ве качат едно скалило погоре. Додека седите во комфорната зона, плашејќи се од неуспех, никогаш нема да научите како вистински да го цените и да му се радувате на успехот. Затоа, немојте да ја губите мотивацијата уште на првиот неуспешен обид.

Побарајте помош

Без оглед на тоа колку сте упорни, колку сте сигурни во тоа што сакате да го исполните, сепак сите битки не можете сами да ги војувате. Побарајте помош и поддршка од вашите колеги, соработници, партнери, пријатели, семејство…, бидејќи само така ќе се исплати вашата упорност на крајот.

Фото: Pixabay