Колку хотели во земјава имаат пет ѕвездички?

429

Вкупно 20 хотели во земјава се категоризирани со пет ѕвездички, што значи дека се луксузни хотели подготвени за пречек на “елитни“ гости од странство и дома, но само два од нив,Мериот и Хилтон се од светски познат ланец на хотели, пренесува порталот Аналитика.

Ова го покажува најновата категоризација на угостителските обкјекти во земјава, којашто ја објави Министерството за економија во јануари годинава. На листата се категоризирани вкупно 197 угостителски објекти, а секој од нив според условите кои ги исполнува има од една до пет ѕвезди.

На листата со пет ѕвезди доминираат хотелите во Скопје, а карактеристично е дека охриско-струшкото крајбрежје и нашите туристички бисери Охрид и Струга располагаат со само два хотели кои имаат пет ѕвезди – Изгрев во Калиште во Струга и хотел Уникат во Охрид.

Податоците на Министерстовото за економија покажуваат дека дури половината од хотелите со пет ѕвезди се во Скопје. Три има во Гевгелија, а по еден во Дојран, Берово, Тетово и Велес. Другите, дури и поголеми градови во Македонија немаат ниту еден хотел во својата туристичка понуда којшто ги исполнува условите да добие пет ѕвезди.

Статистиката на ресорот економија покажува дека земјава има дури 73 хотели со четири ѕвезди, 62 со три ѕвезди, 35 со само две ѕвезди и седум угостителски објекти со една ѕвезда. Интересно е дека кај голем дел од хотелите со пет ѕвезди, но и кај тие со помалку стои знакчето “супериор“, што практично значи дека тие при категоризацијата добиле повеќе поени од оние кои се неопходни за нивната категорија и впечатокот кај нив ги надминува очекувањата во нивната категорија.

Според познавачите во земјава има доволно хотели, но најголем дел од нив се мали и со стандарди кои не ги задоволуваат барањата на странските туристи. Ангел Иванов од Адриатик Ин Хотел вели дека соработката на домашните хотели со домашните туристичките агенции останува на незадоволително ниво, па хотелите воопшто не се ставени на понудата на агенциите.

“Останува старата социјалистичка пракса – хотелите да се продаваат сами. Тоа значи сами да одат на туристички берзи во Европа. Секој од хотелите има своја продажна служба со име ’маркетинг, од друга страна мал број од агенциите имаат посебен оддел ’департмент’, инкаминг и тоа го работат по потреба или на барање на странски оператори. За жал, комуникацијата во двата правци е на незадоволително ниво со децении. Најчесто странските туропетатори ги користат во својство на добавувач или локален подизведувач. Јазот го продлабочуваат и туристичките водичи кои нудат посредништво надвор од деловните норми.Темата е многу поширока“, вели Ангел Иванов.

Според податоците од Државната статистика за 2018 година, Македонија ја посетиле 1,1 милион туристи од кои најголем дел или 707.000 биле странски туристи кои оствариле речиси 1,5 милиони ноќевања.

Фото: Pexels