
Количината од 400 милиони барели нафта што ја испушти Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), во која учествуваа 20 земји-членки на Европската унија (ЕУ) со 92 милиони барели, би можела да трае околу пет месеци, проценуваат аналитичарите. Војната на Блискиот Исток влијае на глобалните залихи на нафта во количина од 12 милиони барели дневно.
Во последните денови, алармот во ЕУ се префрли од прашањето само за цената на прашањето за безбедноста на снабдувањето, а европскиот комесар за енергетика, Ден Јергенсен, предупреди дека испораката на доволни количини на авијациско и дизел гориво може прво да биде доведена во прашање во случај на продолжување на конфликтот на Блискиот Исток.
ЕУ троши околу 10,5 милиони барели нафта дневно, што е околу 10 проценти од глобалната побарувачка. Германија троши најмногу во количина од 2,3 милиони барели, по што следува Франција со 1,6 милиони барели и потоа Италија со 1,3 милиони барели.
Резервите на нафта, дизел и бензин во ЕУ ги чуваат националните влади, а Европската комисија го координира одговорот во случај на криза. Се проценува дека резервите покриваат околу 90 дена нето увоз или 61 ден потрошувачка. Според податоците на ЕУ, Франција има најголеми резерви со 120 милиони барели, по што следуваат Германија со 110 милиони и Италија со 76 милиони барели.
Хрватска има резерви на нафта за три месеци потрошувачка. Имено, Агенцијата за јаглеводороди обезбедува задолжителни залихи на нафта и нафтени деривати во количина доволна за да се обезбеди независност од увоз за три месеци.
Шпанија исто така има значителни резерви, а земји како Белгија, Луксембург и Малта чуваат значителни количини во други земји од ЕУ.
Во неодамнешното ослободување на резерви во рамките на ИЕА, Германија учествуваше со 19,5 милиони барели, Франција со 14,6 милиони, Шпанија со 11,6 милиони и Италија со 10 милиони барели.
„Резервите ослободени од ИЕА веќе се користат. Досега се користеа на домашните пазари. Зависи од земјата, но се ослободуваат со брзина од околу 2,5 милиони барели дневно, што е доволно за околу 160 дена“, изјави за „Еуроњуз“ Хомајун Фалакшахи, експерт за енергетика од аналитичката компанија „Кплер“.
Пред неколку дена, првиот човек на ИЕА, Фатих Бирол, изјави дека се разгледува ново ослободување на стратешки резерви. Комесарот Јергенсен даде слична најава во случај на влошување на ситуацијата.
Според „Кплер“, складиштата на ЕУ во моментов чуваат 270 милиони барели нафта, што е доволно за три недели потрошувачка по преработката во дизел, бензин или авијациско гориво.
Сепак, експертите предупредуваат дека сите овие заштитни слоеви се конечни и со текот на времето стануваат сè помалку ефикасни, и предвидуваат недостиг од околу два милиони барели дневно.
„Доколку војната се продолжи, проценуваме дека дефицитот би можел да се зголеми на 13 милиони барели дневно во рок од шест месеци“, рече Бриџит Пејн, која го анализира секторот за нафта и гас во „Оксфорд економикс“.
Меѓународното здружение на производители на нафта и гас (IOGP) објави дека е потребно да се зголеми домашното производство на нафта.
„Не е прашање дали треба да имаме домашни извори на нафта или не. Очигледно, да. Прашањето е дали произведуваме дома или ќе увезуваме повеќе“, рече претставникот на IOGP за Европа, Нарег Терзијан.
Според него, освен изворите на нафта во Северното Море и на копно, многу сè уште може да се открие во релативно нови истражувачки области во источниот Медитеран и во Црното Море.










