Формирани во изминатиот петгодишен период, како составен дел од финансискиот систем со таргет на микрофинасирање, финансиските друштва познати по концептот на “брзо доделување на микро кредити“ стануваат актуелни, особено кај населението. Таргет Груп ги анализира петте финансиски друштва кои предничат според висината на приходите, пренесува порталот Analitika.mk.
Четири финансиски друштва лоцирани во Скопскиот регион, едно во Пелагонискиот регион. Петте финансиски друштва коишто се “иновативен производ“ на финансискиот пазар во земјава се формирани во период од 2014-та до 2017-та година. Три компании во последните две година прикажале добивка, а две финансиски друштва во билансите прикажале загуби.
Генерално сите пет компании бележат раст на бројот на просечни вработени, со исклучок на една од нив којашто нема пријавено просечен број на вработени. Интересно е да се напомене дека компанијата којашто нема пријавено просечен број на вработени во изминатите три години остварува 70% повисоки приходи и 105% повисока нето добивка и бележи раст на вкупната актива за речиси 70% во 2018 година во споредба со 2017 година.
На прво место, според висината на приходите, е финансиско друштво ИУТЕ КРЕДИТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје, лоцирано во Скопје, формирано на 25 јули 2017 година.
Оваа фирма со шест подружници бележи значаен пораст на приходите кои од 85.000 евра во 2017 година се зголемуваат на 2,1 милион евра во 2018 година или раст од фантастични 2.385%. Но, интересно е дека ова финансиско друштво коешто генерира голем раст на приходите прикажува загуби во финансиските години, во 2017-та од скоро 240.000 евра и во 2018-та загубата расте на ниво од 960.000. Но и покрај овој показател, бројот на вработени во ова финансиско друштво од 14 се зголемува на 30 или за 114%. Според финансиските показатели активата на фирмата се зголемила од 977.000 евра на 3,2 милиони евра. Оваа компанија којашто котира на прво место според остварените приходи воедно прикажува и најголем раст на активата и највисок коефициент на ликвидност.
На второ место, според висината на приходите, е финансиското друштво КРЕДИСИМО ДООЕЛ Скопје формирано во јули 2016 година и има бугарски сопственик.
Оваа фирма нема свои подружници, а од 2016-та до крајот на 2018-та година прикажува постојан раст на приходите, кои стартувале на ниво од скоро 42.000 евра, со раст од 1.676% во 2017 година, до ниво од 1,3 милиони евра во 2018 година или пораст во однос на 2017-та за 76,5%. Ова финансиско друштво во двете последователни години прикажува добивка којашто во 2018-та година во однос на 2017-та година е зголемена за 105%. Компанијата нема вработени, а нејзината актива во 2018 година достигнува 1,2 милиони евра со пораст во однос на 2017 година за скоро 69%.
Со приход од скоро 1,2 милиони евра во календарската 2018-та година, финасиското друштво СН ФИНАНСИИ ДОО Битола, единствено што е надвор од Скопскиот регион, е рангирано на трето место. Оваа фирма е основана на крајот од 2016-та година и има пет подружници, а е во сопственост на македонски бизнисмен.
Приходите на оваа фирма во 2017 година изнесувале 221.500 евра, со раст од 427,3% во 2018-та година. Ова финансиско друштво во анализираните години прикажува и значен раст на добивката за скоро 600% и таа во 2018 година изнесува 611.300 евра. Активата на ова финансиско друштво значајно се зголемува во тригодишниот период, достигнувајќи три милиони евра во 2018 година или 100% повеќе во однос на 2017-та. Во оваа битолска фирма се вработени 12 луѓе.
На четврто место според висината на остварените приходи е финансиското друштво М КЕШ Македонија ДООЕЛ Скопје – уште една фирма од Скопскиот регион формирана во јули 2014-та година. И оваа фирма е во рацете на бугарски бизнисмен.
Ова скопско финансиско друштво располага со 20 подружници. Од 2016 до крајот на 2018 година прикажува постојан раст на вкупните приходи, коишто во 2016 биле на ниво од 526.000 евра, во 2017 се зголемиле за 32,7% за во 2018 година да достигнат скоро 900.000 евра со раст во однос на 2017-та година за 27,4%. Во 2016-та оваа фирма прикажува загуба од 240.000 евра, а потоа во двете последователни години, 2017 и 2018 фирмата прикажува добивка којашто на годишно ниво се намалила за 61,8%,но сепак финансиското друштво останува во позитивна зона со 25. 200 евра добивка во 2018. Во фирмата во 2018-та работеле 18 луѓе, а бројот на вработени на годишно ниво се зголемил за 28,6%.
На петто место со вкупни приходи во економската 2018-та година е финансиското друштво ДИЏИТАЛ ФАЈНАНС ИНТЕРНЕШНАЛ ДООЕЛ СКОПЈЕ, формирано на крајот од октомври 2016-та година, а како дел од него се уште четири подружници. Ова финансиско друштво е во рацете на македонски бизнисмен.
На годишно ниво, почнувајќи од 2016 година ова друштво прикажува значаен пораст на вкупните приходи кои од 5.200 евра, во 2017 година се зголемиле за фантастични 10.019,9% односно на 523.000 евра, а во 2018 достигнале 849.000 евра. Додека од една страна се бележи значителен раст на приходите, од друга страна ова финансиско друштво прикажува загуби во трите последователни години, во 2016 година загубата била 54.500 евра, во 2017 година се зголемува за 1.279%, но во 2018 година во однос на 2017 година загубата се намалува за скоро 49% и во календарската 2018 година изнесува 386.100 евра.
Податоците за растечките приходи на овие иновативни финансиски друштва покажуваат дека на пазарот има место и за овој формат на фирми кои имаат точно таргетирани цели. Дополнително, податокот дека кај дел од нив се забележува и значаен пораст на добивката на годишно ниво упатува на потенцијалната профитабилност на овие мали финансиски друштва кои полека се етаблираат на финансискиот пазар, како извор на алтернативно кредитирање.
Фото: Pixabay