Комерцијална банка, Алкалоид и НЛБ Тутунска банка добитници на Кристално ѕвоно за 2015 година

62

makedonska berza zvonoВо рамки на годишната конференција на Македонска берза, што се одржа на 29-ти овој месец, по деветти пат беше доделена наградата Кристално ѕвоно за најтранспарентно котирано акционерско друштво.

И оваа година беа доделени награди на три друштва кои од вкупно котираните 113 акционерски друштва на Македонска берза беа оценети како најтранспарентни во 2015 година.

Согласно оцените на Изборната комисија за најтранспарентните котирани друштва на Македонска берза за 2015 година се избраа: Комерцијална банка (прво место), Алкалоид (второ место) и НЛБ Тутунска банка (трето место).

При разгледувањето на транспарентноста и објавувањето на информации на котираните друштва преку СЕИ Нет, Кандидационата комисија ја имаше предвид нивната транспарентност во текот на претходната година, особено бројот на објавени известувања преку СЕИ Нет и нивниот квалитет, квалитетот на објавениот годишен извештај за работењето на друштвото, квалитетот на интернет страницата на компанијата и друго.

Категориите за оценување на најтранспарентни акционерски друштва котирани на Македонска берза се: изработка на годишен извештај на друштвото и неговиот квалитет, обем на информации на интернет страницата на друштвото, начин на комуникација на друштвото со јавноста и пазарните учесници како и квалитетот на објавените и јавно достапни информации.