Комерцијална банка за три месеци прокнижи добивка од над 170 милиони денари

23

komercijalna banka

Првите три месеци од оваа година за Комерцијална банка завршија со добивка од 170.059.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Една година претходно, банката прикажа загуба од 526.809.000 денари.

“Позитивното влијание врз финансискиот резултат во извештајниот период има значителното намалување на исправката на вредност на корпоративните кредити, како и намалување на загубата за оштетување на имотот преземен по 01.01.2010 година, којашто согласно регулативата е евидентирана на 01.01.2016 година“, стои во Коментарот на билансот на успех.

Банката ќе ги презема сите неопходни активности, како што се наведува, за остварување на зацртаните цели и задачи во рамки на Програмата на мерки и активности на деловната политика за 2016 година, при што ќе биде фокусирана на подобрување на квалитетот на портфолиото.

Нето приходите од камата во период од први јануари до 31-ви март оваа година изнесуваат 784.374.000 денари, додека истиот период лани достигнаа 722.792.000 денари.

Нето приходите од провизии и надоместоци, во првото тримесечје од 2016 година, се на ниво од 262.657.000 денари.