Компании и поединци на УЈП ѝ должат 10 милијарди денари

26

Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави 12-тата листа на должници, последна за оваа година.

На листата се најдоа 2.006 правни лица, што е за 14 помалку во однос на минатиот месец, и 2.527 физички лица, што е помалку за 12 во однос на ноември. Вкупно објавениот нето долг во Листата бр.12/2019 изнесува 10.039.498.849 денари, помалку за 90.217.232 денари од претходната листа. Нето долгот за даноци и придонеси изнесува 9.879.654.735 денари (помалку за 90.290.624 денари од претходната листа), додека долгот за царински давачки е 159.844.114 денари (повеќе за 73.392 денари од претходната листа).

На листата се најдоа физички и правни лица кои имаат долгови доспеани до 31-ви август, а не се платени до 30-ти ноември оваа година, по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини. Кај физичките лица и самостојни вршители на дејност, долгот надминува 120.000 денари, додека кај правните е повисок од 300.000 денари.

Фото: Pexels