Компанијата Завар прослави 30 години иновативност

208

Завар, компанијата специјализирана за заварување, процесна опрема, иновативен дизајн на грејни тела и ентериери од метал, одбележа 30 години постоење. Компанијата се раѓа од мала семејна инцијатива во 1988 година основана од Јован Наумовски еден од најценетите експерти по заварување во тогашна Југославија и се развива во модерна, глобално присутна компанија, стои во соопштението.

“Со големи планови и јасна визија за иднината, Завар е создадена, се гради и развива врз неколку основни столбови, а тоа се експертското знаење, посветеноста и иновацијата. Компанијата започна како услужна дејност на тешката индустрија, за во текот на годините да се развие во производна компанија која е лидер во регионот во висококвалитетни заварувања и производство на опрема за процесната индустрија. Истовремено се развивме и во еден сосема нов и пазарно неистражен сегмент, заварувањето и иноксот во креативен, дизајнерски и естетски контекст. Тоа ни даде печат на единственост и уникатност во услугите и производите што пак ни помогна за полесно позиционирање на странските пазари“, изјави Марта Наумовска Грнарова, Генерален директор на Завар.

Завар како производител на процесна опрема за преработувачките индустрии, како хемиската, фармацевтската, прехранбената и други, е присутен на глобалните пазари за што соодветно е сертифициран и ги применува највисоките стандарди. Еден од нив е ПЕД директива за садови под притисок, а се сертифицираат и 10 специфични постапки на заварување на високо -легирани челици. Исто така, Завар е инволвиран во сите интернационални институции за заварување и е член на престижниот институт за заварување ТWI од Кембриџ, Велика Британија.

Изградена врз иновативни решенија во функција на индустријата Завар Дизајн се насочува во развој на два посебни сегменти, развој на грејни тела односно радијатори како спој на технологија, естетика, дизајн и функционалност, коишто исто така ќе претставуваат уникатни креативни дизајни во секој простор каде ќе бидат поставени. Вториот дел е развој на специфични ентериерни решенија со, пред се естетска функција но исто така и практична примена.

Денес , Завар претставува глобално позиционирана компанија со единствена иновација на грејни тела со специфичен и функционален дизајн, со пет до 10% раст на годишно ниво, со 90% од производството наменето за извоз. Најмногу извезува во европските земји, Обединетото Кралство и во САД, а во овие 30 години Завар свои производи има извезено на сите континенти. Завар Дизајн во 2017 година се претставува на два престижни саеми во Њујорк, Architectural Digest Design Show и ICFF и забележува огромен успех, за што сведочи престижната награда за Најиновативен дизајн, доделена од страна Американската асоцијација на дизајнери, по што компанијата се вбројува меѓу седумте највлијателни брендови во светот во областа на Дизајн Радијатори.