Конференција на македонскиот пазар на хартии од вредност

15

Комисијата за хартии од вредност, Македонската берза и Централниот депозитар за хартии од вредност денеска организираат конференција на македонскиот пазар на хартии од вредност.

На конференцијата ќе присуствуваат претставници на финансискиот сектор и индустријата на хартии од вредност, котираните компании и другите друштва, државните институции и универзитетите, ревизорите и сите останати субјекти чија дејност е поврзана со работењето или инвестирањето во хартии од вредност.

Конференцијата ќе ја отвори гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, а ќе се обратат претседателот на Комисијата за хартии од вредност Елизабета Чингаровска и главниот извршен директор на Македонската берза Иван Штериев.

Според организаторите, конференцијата претставува значаен меѓународен собир на регионалните влијателни двигатели на пазарите на капитал. За имплементацијата на европските директиви на хрватскиот пазар на капитал ќе говори Петар-Пиере Матек, претседател на Управниот одбор на ХАНФА, Хрватска. “Причините за интерното институционално реструктуирање на турскиот пазар на хартии од вредност“ низ презентација ќе ги образложи заменик-претседателот на Истанбулска берза од Турција, Цетин Али Донмез.

На конференцијата ќе се дискутира и на тема “Каде оди македонскиот пазар на хартии од вредност, кои се идните развојни правци и какво е влијанието на одредени случувања на странските пазари на хартии од вредност и нивните рефлексии во Република Македонија“.

Официјалниот дел од втората заедничка конференција на овие три институции ќе биде заокружен и со доделување на наградата за најтранспарентни котирани акционерски друштва за 2013 година – “Кристално ѕвоно“ и награда за овластени учесници на македонскиот пазар на хартии од вредност.