Конференцијата за платни системи – платформа за активна соработка на централните банки

23

Конференцијата за платни системи и системи за порамнување хартии од вредност прераснува во еден вид платформа за активна соработка меѓу централните банки, како во регионот, така и пошироко во Европа, рече гувернерот Димитар Богов, на отворањето на седмата по ред меѓународна конференција што се одржува во Охрид од шести до деветти јули.

Конференцијата започна со промоција на Црвената книга за системите за плаќање, клиринг и порамнување на Република Македонија, којашто беше издадена кон крајот на минатата година во соработка со Комитетот за системи за плаќање и порамнување при Банката за меѓународни порамнувања.

“Оваа публикација е значајна за Република Македонија бидејќи го подобрува разбирањето, како во домашни така и во меѓународни рамки, за начинот на којшто функционираат платните системи и системите за порамнување хартии од вредност. Истовремено, реализацијата на овој проект го поттикна процесот на усогласување на платежната статистика на Народната банка со платежната статистика на Европската централна банка, што тековно се одвива во соработка со банките и се очекува во иднина да овозможи целосна методолошка усогласеност и подготвеност за известување согласно со барањата на статистичкиот систем на Европската централна банка“, рече Богов.

Значајно внимание на Конференцијата ќе им биде посветено на интегративните процеси во сферата на плаќањата во Европската Унија.

“Она што е познато е дека финансиската интеграција во Европа е значајна како од аспект на зголемувањето на конкуренцијата, така и од аспект на поддршката на економскиот раст. Oд воведувањето на единствената валута, интеграцијата на финансиските пазари напредуваше многу побрзо во однос на интеграцијата во сферата на плаќањата. Сепак, кризата услови сегментација на финансиските пазари во Европа, додека промените на навиките за плаќање се одвиваат непрекинато, што во значителен дел е поддржано од европскиот проект СЕПА“, додаде гувернерот.

Оваа конференција, како што рече Богов, покрај новините во сферата на плаќањата, традиционално ги опфаќа и трендовите кај системите за порамнување хартии од вредност.

“Ообен акцент во текот на оваа конференција е ставен на новините од предложената ревизија на Директивата за платежни услуги. Предложените измени на Директивата се во насока на зголемување на конкуренцијата во сферата на електронските плаќања поврзани со трговијата преку интернет преку отстранување на бариерите за влез на заинтересираните обезбедувачи на овие услуги на заедничкиот пазар во Европската Унија, намалување на трошоците за потрошувачите при плаќање со картички, како и подигнување на нивото на безбедноста на плаќањата преку интернет“, рече Богов на отворањето на конференцијата.

Во текот на Конференцијата ќе се дискутира за ефектите од поголема финансиска вклученост врз економскиот раст и доходовната нееднаквост. Исто така, финансиската вклученост ќе се разгледува и од аспект на интегрирање на платежните текови коишто се надвор од формалниот финансиски сектор.

Од аспект на институционалните промени ќе биде опфатен новиот Одбор за мали плаќања во евра, како наследник на Советот на СЕПА. Во текот на оваа конференција ќе се дискутира и за виртуелните валути, со оглед на интересот на јавноста за ефектите на овие валути врз плаќањата.