Конкурс за деца – актери во филмското школо Тинтири – Минтири

28

1

Филмското училиште за деца Тинтири Минтири и Аурипигмент продукција од Скопје распишуваат конкурс за упис на нови членови за учебната 2015/16 година.

Интерактивното филмско училиште Тинтири Минтири е наменето за обука на деца и млади од 6 до 18 години во сферата на аудио-визуелните уметности. Како дел од примарните активности на Тинтири Минтири се филмска и тв глума, пишување, сценарио, режија, креативно пишување, анимација, водители, радио драма, градење однос кон камера и јавен настап.

Пријавувањето трае до крајот на месецов, а наставата започнува од септември 2015. Часовите се одржуваат во просториите на МРТВ.

„Работиме многу ангажирано и можеби тоа е основната причина поради која нашите членови  со нетрпение го очекуваат секој следен час. Иако понекогаш има и теоретска настава, дури и таа е популарна и добро прифатена. Сепак активностите од типот – снимање филм според сопствено сценарио – се најпосакувани. Ова е училиште во кое сите работат со голема љубов и се високо мотивирани да бидат активно вклучени во проектите“, вели м-р Кузман Кузмановски, раководител на КЦ Тинтири Минтири.

Основната активност во Тинтири Минтири е филмска дејност. Учениците сами ги пишуваат, снимаат и монтираат филмовите. Овие филмови, изработени од деца, а под менторство на професионални филмски работници – педагози, ја доживуваат својата кино премиера на меѓународниот филмски фестивал за деца Тинтири Минтири Филм Фест.

„Посебно е чувството да се биде присутен на премиерата на сопствениот филм. Родители, пријатели, сите ги гледаат филмовите на големото платно. А почесни гости на црвениот килим се токму тие – децата филмаџии, нашите вредни членови кои се идните филмски работници на Република Македонија“, вели Кузмановски.

Училиштето Тинтири Минтири прави несекојдневен обид да ја доближи филмската магија до најмладите. Пред сè, да научат да го сакаат филмот и филмскиот јазик; да научат правилно да гледаат филмови; да научат како се создава филмот; да научат како да ја пренесат пораката до гледачот преку филмско изразување како идни режисери или актери.

Дел од неодамнешните активности беше снимањето на филмската авантура за деца „Потрага по загубеното богатство“, која летово се снимаше токму со децата членови на центарот. Премиерата на овој филм се најавува во октомври 2015 во некоја од скопските кино сали. Исто така во продукција на Аурипигмент и Тинтири Минтири се организира и меѓународнито филмски фестивал за деца Тинтири минтири Филм Фест, на кој се организира меѓународна филмска селекција за деца, но и уникатна селекција од филмови направени од деца.

Повеќе информации за уписите и за активностите на КЦ Тинтири Минтири можете да добиете на контакт телефонот 078 30 21 61 или на нашиот мејл  kc.tintirimintiri@gmail.com и веб-сајт http://tintirimintiri.mk/.