Корупцијата петти најголем проблем во Македонија

13

Граѓаните во Македонија препознаваат различен облик на корупција, не само поткупот како основен облик на корупција. Голем дел од граѓаните сметаат дека државните службеници се корумпирани. Според перцепцијата за корупција, најкорумпирани се цариниците и судиите, а кога станува збор за директна вклученост во корупција, тоа се лекарите.

Ова го истакна Емина Нурединоска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) по денешниот форум “Политики за анти-корупција“ на кој беше презентиран Извештајот за проценка на корупцијата во Македонија, подготвен од МЦМС во рамки на Програмата на УСАИД за борба против корупцијата.

Во Македонија, нагласи Нурединоска, корупцијата е на петто место како проблем на граѓаните, по невработеноста, сиромаштијата, ниските примања и високите цени. Споредбено со 2001 година кога е направено слично истражување пред корупцијата се нашле и политичката нестабилност и меѓуетничките односи. Според симулацијата за пресметка на годишната “цена“ за поткуп, стои во извештајот, дадена од страна на бизнис заедницата, изнесува 64 милиони евра. Тоа е 0,85% од годишниот БДП на Македонија според податоците за 2012 година. Нурединоска подвлече дека индексите кои се однесуваат на перцепцијата на граѓаните, за разлика од индексите кои се однесуваат за реалната корупација се значително повисоки.

Корупцијата е глобален проблем, ниту Америка, ниту Македонија не се имуни на овој ефект, истакна американскиот амбасадор Пол Волерс. САД сакаат Македонија да успее во борбата против корупцијата, рече, бидејќи е американски сојузник и пријател и не сакаме да го видиме случајот на Украина во Македонија поради ракот на корупцијата.

“Не е тајна дека и Македонија се бори со корупцијата, постои непотизам, деловни зделки, селективно правосудство и политичко влијание коишто го јадат напредокот на Македонија, а започна да се одвива од 1991 година. Партнерството со Владата, инвестициите во инфраструктурата сите овие постигнувања на земјата се намалуваат поради ефектите на корупцијата. Знаеме дека е важно за граѓаните да имаат верба во властите и да се анулира корупцијата секаде каде што постои. Не е важно на која партија припаѓаат граѓаните, кои се нивните роднини и пријатели и на каква позиција работат, тие сепак ќе бидат одговорни за своите дела“, потенцира амбасадорот Волерс, пренесе Миа.

Според него, во 2013 година Антикорупциската комисија во Македонија истражила 228 случаи за борба против корупцијата, но само седум се со судска завршница, што е, оцени Волерс, ништо.

“Колкумина во суштина беа осудени, седуммина беа обвинети, но колку беа осудени, нула, тоа значи дека корупцијата во Македонија е еднаква на нула. Не е смешно, повеќе би рекол дека е тажно“, рече меѓу другото Волерс.

Тој додаде оти борбата против корупцијата бара решеност на сите членови на општеството, Владата, медиумите, деловната заедница, и граѓанското општество.

“Никој нема да ја заштити Македонија ако не ја заштитите вие, никој нема да ја гради Македонија ако ние не ја градиме и никој нема да ја почитува Македонија“, рече Волерс повикувајќи ги граѓаните да ги надминат денешните предизвици.

За Ѓорѓи Сламков, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата потребно е зајакнување на капацитетите во делот на судирот на интереси и изработката на Регистар на функционери, што е веќе почнато, со што ќе се овозможи интерконекција со бази на податоци на релевантни институции.

“Оваа година досега до ДКСК се пристигнати околу 200 претставки од граѓани за судир на интереси, а таа бројка секоја година расте. Оваа година до УЈП имаме поднесено 50 барања за испитување на имотна состојба и скоро толку прекршочни барања до суд. Никој не кажува дека досега годинава имаме 18 предмети отворено по сопствена иницијатива. ДКСК оваа година беше опфатена речиси 4 месеци со изборен процес, а тоа значи дека целата енергија ја имавме  насочено кон добиени 1400 барања за мислења од државни институции  за нивно постапување за време на изборен процес од аспект на одредбите на Законот за спречвуање на корупцијата. Со таквите барања ДКСК се парализира во определен временски период и тоа има влијание врз  нашето работење“, е пораката што ја упати Сламков, пренесува агенцијата Миа.