Коста Петров нов директор на ФИТР

1002

Коста Петров, кој на јавноста и е познат по работата во приватниот сектор, основач на Пи Ворлд, потпретседател на СДСМ и своевремено писател, на својот Фејсбук профил се огласи и ја искоментира неговата нова улога – директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Во продолжение ви го пренесуваме неговиот статус во целост:

“После 15 години работно искуство во приватниот сектор, од кои 10 години како основач и директор на Пи Ворлд, време е за нови предизвици.

Во овие десет незаборавни години, заедно со мојот победнички тим, успеавме да ја позиционираме Пи Ворлд како една од најиновативните креативни агенции и организатори на бизнис-настани во светот.
Присутни сме во 40 земји во Европа, Северна Америка, Блискиот Исток, Азија и Африка, а движечка сила на нашата компанија е тесната соработка со некои од најмоќните брендови во светот – Facebook, Google, Snapchat, Coca-Colа, Shell, IBM, Mayo Clinic, Harvard School of Law, Yale, Stanford University…
Се гордеам со сè што направивме! Колеги, продолжете со освојување на нови врвови! Пи Ворлд е наш заеднички успех и знам дека ја оставам во вистински раце.
Сега е време за нови, наши, македонски и глобални успеси!
Иновациите и развојот на технологии мора да ја заземат централната улога во нашата развојна економија, а ФИТР ќе биде двигател на оваа трансформација.
ФИТР ќе продолжи да инвестира во иновацискиот развој на компаниите, работејќи на создавање нови квалитетни работни места и придонесувајќи кон развојот на македонската економија.
Целта е да обезбедиме поддршка за компаниите и стартапите со тоа што ќе им помагаме во секој чекор, почнувајќи од работењето, едукацијата, развојот на продукти, па сè до комерцијализацијата и продажбата. Фондот ќе работи и соработува со врвни домашни и меѓународни претприемачи, финансиски експерти и основачи на иновативни компании.
Во нашата работа ќе биде целосно вклучена и академската заедница, која ќе биде нераскинлив дел од сите процеси. Мојата визија е заедно, со помош на интернационалната и македонската стартап заедница, со новиот бран на македонски иноватори да ја позиционираме Македонија како регионален стартап хаб во регионот.
Македонија има многу потенцијал, има многу паметни и мотивирани млади луѓе. Ќе ја насочам целата моја енергија да ги поддржиме и да им помогнеме да ги реализираат своите цели. За крај, сакам да му заблагодарам на премиерот Зоран Заев за дадената доверба и на сите мои колеги кои ме поддржуваа. Нè чека многу работа и многу храбри чекори! Знам дека можеме!

Фото: Facebook