
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека ЕУ мора да ги сруши економските бариери што ја спречуваат да стане „глобален гигант“ и да го продлабочи својот внатрешен пазар.
Фон дер Лајен зборуваше во Европскиот парламент во Стразбур пред лидерите на ЕУ што ќе се соберат подоцна денес во Антверпен на индустриски самит и неформален состанок на лидерите на ЕУ утре посветен на зајакнување на единствениот пазар, намалување на економската зависност и подобрување на конкурентноста на ЕУ во новиот геополитички контекст.
Таа нагласи дека ЕУ мора да „ги сруши бариерите што ја спречуваат да биде вистински глобален гигант“ и предупреди дека сегашниот систем претставува „фрагментација на стероиди“ со многу различни, потенцијално спротивставени правни системи, објави британскиот весник „Гардијан“.
– Имаме втора најголема економија во светот, но „возиме со рачна сопирачка“ и добрата вест е дека ова може да се поправи, само треба да се фокусираме на единствениот пазар и треба да ги срушиме бариерите една по една – рече шефицата на Европската комисија.
Фон дер Лајен предупреди дека конкурентноста не е само основа на просперитетот на ЕУ, туку и на безбедноста и, на крајот на краиштата, на демократијата.
Комисијата планира да предложи серија предлози за подобра конкурентност, вклучително и режим на EU Inc., кој би им овозможил на компаниите да се регистрираат во која било земја-членка во рок од 48 часа, целосно преку интернет, и би помогнал во прекуграничното работење.
– Ова е брзината што ни е потребна – нагласи Фон дер Лајен, објави Гардијан.
Фон дер Лајен, како што објави Комисијата, ја нагласи важноста на поедноставувањето, со оглед на тоа што европските компании трошат речиси исто толку на бирократија колку и на истражување и развој.
– Тоа не може да биде. Поедноставувањето е нашиот главен фокус, рече таа, додавајќи дека Комисијата направила повеќе на тој фронт за само една година отколку во претходните десет.
Според неа, веќе е предложено да се намалат трошоците за бирократија за 15 милијарди евра годишно.











