Ланската добивка на Скопски пазар оди во резерви

27

skopski-pazar

Скопски пазар донесе предлог одлука за одобрување на годишната сметка и за распределба на добивката за 2015 година.

“Нето добивката во износ од 35.066.208 денари се распоредува во резерви за реинвестирана добивка од причини што во текот на 2016 година се очекуваат зголемени инвестициони активности на реализација на проектите за изградба и модернизација на пазарот Бит пазар, како и изградба на пазар во населбата Ново Лисиче во Општина Аеродром, со што би се стекнало право за намалување на данокот од добивката за 2016 година“, стои во предлог одлуката.

Компанијата донесе и предлог одлука за распределба на средства од оданочена акумулирана добивка остварена во претходните години.

Средствата од оданочената акумулирана добивка остварена во минатите години во вкупен износ од 335.855.912 денари, да се распределат: 150.000.000 денари за резерви за откуп на сопствени акции, 60.000.000 денари за резерви за вложување во инвестициски фондови и 2.850.000 денари за дивиденда за приоритетни акции.

“Средствата од оданочената акумулирана добивка, наменета за резерви за откуп на сопствени акции и за резерви за вложување во инвестициски фондови се издвојуваат со цел одржување на стабилноста на друштвото и одржување на портфолиото на сопствените акции на оптимално ниво. Издвојувањето на средствата за дивиденда за приоритетни акции се врши согласно правата коишто на сопствениците на приоритетни акции им следуваат согласно Законот за трговските друштва“, стои во образложението на предлог одлуката за распределба на средствата од оданочена акумулирана добивка остварена во претходните години.

Вредноста на приоритетните акции е 186 денари, односно 6% од номиналната вредност на акциите.

Според предлог одлуката за исплата на дивиденда и за утврдување на датуми за исплата за 2015 година, последен ден на тргување со право на дивиденда за 2015 година е 04.05.2016 година, додека прв ден на тргување без право на дивиденда за 2015 година е 05.05.2016 година. Датум на стекнување на право на дивиденда за 2015 година е 09.05.2016 година, а истата ќе се исплати до 30.09.2016 година.

“Издвоените средства за исплата на дивиденда за сопствениците на приоритетни акции без право на глас се врши заради остварување на правата на овој вид на акции согласно Законот за трговски друштва и Одлуката за претворање на обични акции во приоритетни без право на глас. Средствата за исплата на дивиденда за приоритетни акции се обезбедуваат од оданочените средства од акумулираната добивка остварена во претходните години“, стои во образложението на оваа одлука.