Стопанската интересна заедница за патен транспорт СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ доби нови раководни органи, што ќе ја водат најстарата транспортна асоцијација во Република Македонија во наредните четири години. Со одлука на собранието на АМЕРИТ, донесена на 28 февруари годинава со мнозинство гласови на членовите – основачи на асоцијацијата, за нов управител е назначен Лефтер Андонов, до неодамна советник за транспортна политика во кабинетот на премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, каде беше задолжен за застапување и координација со бизнис-заедницата, како и за подобрување на состојбите во транспортниот сектор во државата.
Неговите претходни позиции вклучуваат и управување со транспортната компанија и групација Тритерол Груп од Струмица, чија основна дејност е превозот на патници во земјата и во странство. А, која е активна и во други сегменти, како транспортната логистика и дистрибуција и на нафта и нафтени деривати при што од 2011 година Тритерол Груп го проширува своето работење со отворање на бензинска пумпа. Андонов е дипломиран економист, а во тектот на својот мандат на челната позиција на СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ, се очекува искуството, стекнато како советник на Премиерот и како менаџер на успешна транспортна фирма, да го примени во активностите на асоцијацијата за унапредување и развој на транспортната индустрија во Македонија.
Мандатот на Андонов официјално започна на 4 март, а на управителската позиција на АМЕРИТ тој го наследи Емил Милев, кој беше на чело на оваа транспортна асоцијација од 2014 година.